Еден од најпознатите научници, Алберт Ајнштајн, својата светска слава ја стекнал поради својата теорија за релативност, но малку е познато дека овој физичар размислувал и на теорија за среќата. Неговата поедноставна теорија за среќата, која ја напишал за некој хотелски работник, е продадена на аукција во Ерусалем во аукциската куќа Winner’s Auction and Exhibitions за 1,3 милиони долари.
Аукциската куќа “Winner’s” во соопштението вели дека Ајнштајн напишал кратка порака на парче хартија, која ги покажува животните ставови на познатиот физичар, за работник во еден јапонски хотел во Токио во 1922 година, наместо парична напојница.
“Мирниот и скромен живот носи повеќе среќа од постојаната потрага по успех во комбинација со постојаниот немир”, пишувало во пораката.
Според информациите кои се добиени од аукциската куќа, Ајнштајн му рекол на работникот дека таа белешка еден ден ќе биде многу повредна од обична напојница. И бил во право. Идентитетот на купувачот на белешката не е познат, само се знае дека е од Европа. Документот на Ајнштајн во аукциската куќа го донесол внук од внукот на работникот во хотелот.
Откако е проверена оригиналноста на документот, во аукциската куќа процениле дека оваа белешка ќе достигне цена од 5 до 8 000 долари. Почетната цена изнесувала 2 000 долари, но за брзо време достигнала до шест цифри. Од аукциската куќа биле воодушевени, бидејќи никогаш не била достигната толкава сума за еден документ.