Апарат против менструални болки

Се проценува дека девет од десет жени имаат менструални болки секој месец, а кај десет проценти од нив, болките се толку силни што ги онеспособуваат со денови.

Но, покрај малубројните аналгетици кои им се достапни, се чини дека сега жените имаат уште една опција за справување со овој проблем, којашто, според првичните извештаи успешно делува. Се работи за нов медицински уред наречен „Ливија“, за кој се тврди дека може да ги „исклучи“ менструалните болки.

Па, како функционира овој „магичен лек“?  

Како што објаснува веб страницата на Ливија, уредот има две електроди кои се поставуваат на болното место на стомакот. Кога ќе се вклучи уредот, електродите почнуваат да испраќаат неосетни електрични импулси кон нервите што доведува до смирување на  болката.

Извршниот директор на Ливија, Чен Начам тврди дека уредот е тестиран на 163 жени во две одделни тестирања, при што повеќе од 80 проценти од жените изјавиле дека болките им поминале. Сепак, треба да се почекаат резултатите од стручна ревизија за да се добие потполната слика за уредот.

Но, она што досега е познато е дека технологијата на која се базира Ливија не е нова, а докторите ја препишуваат веќе со години.

Позната е како ТЕНС (транскутана електро нервна стимулација) и ваква електрична стимулација на нервите се користи за третирање на разни видови на болка, од болки во вратот и грбот, до породилни болки. Во основа, функционира на тој начин што го „збунува“ нервниот систем во телото, така што тој не знае што да прави со болните сигнали што би требало да ги пренесе до мозокот.

„Нервниот систем не може да функционира со два типа на сигнали истовремено. Ливија емитира фреквенција до нервниот систем што е многу слична со телесната фреквенција, но е непозната за телото, објаснува Начам за „Vox“. „Бидејќи сигналите од уредот стигаат до мозокот побрзо отколку сигналите за болка од нервите, мозокот нема време да ги регистрира менструалните болки“, вели Начам.

Начам вели дека во тек е уште една студија во која ќе учествуваат 60 жени, за да се добие подобар увид за ефикасноста на уредот.

Останува да видиме дали Американската администрација за храна и лекови ќе го одобри уредот како средство против менструални болки.

Поддржете ја нашата работа: