Аспиринот во борба против ракот на кожа

На сите ни се познати ризиците од прекумерното изложување на сонце. Ултравиолетовите зраци го зголемуваат ризикот за рак на кожата, затоа ние, или барем оние повнимателните меѓу нас, ставаме крама за заштита пред подолготрајно да се изложиме на сонце.

Меѓутоа, се чини дека има уште една превентивна мерка што може значително да го редуцира ризикот од рак на кожа. Едно истражување покажува дека нестероидните анти-инфламаторни лекови, во кои спаѓаат и лековите кои многу често се користат како ибупрофенот и аспиринот, можат да го намалат ризикот од некои видови на рак за 18 проценти.

Претходните истражувања покажале дека овие лекови можат да помогнат во превенцијата на ракот на дебелото црево, на белите дробови, ракот на дојката и на простата. Истражувачите, исто така сметаат дека тие можат да обезбедат и ефикасна заштита против еден чест вид на рак на кожа што се нарекува сквамозен клеточен карцином (squamous cell carcinoma).

Нестероидните анти-инфламаторни лекови го инхибираат дејството на еден ензим, кој се нарекува „COX-2“ и се ослободува од клетките на кожата кога се изложени на УВ зраците. За да ја тестираат оваа хипотеза, Кетрин Олсен и Адел Грин заедно со нивните колеги, преку мета-анализа, извршиле преиспитување на веќе објавени студии на оваа тема. После селектирањето на релевантните истражувања, тие се ограничиле на девет студии. Со нив биле опфатени и лица со зголемен ризик за сквамозен клеточен карцином (бидејќи им биле дијагностицирани преканцерозни или канцерозни лезии) и лица од општата популација кои се следени во текот на неколку години. Повеќе од 6 000 случаи со сквамозен клеточен карцином биле споредени со повеќе од 100 000 лица кои немале карцином.

Резултатите од анализите биле многу јасни. Податоците покажале дека кај лицата кои земале нестероидни анти-инфламаторни лекови без аспирин ризикот од овој вид рак бил намален за 15%. Кај оние кои земале и аспирин, ризикот уште повеќе се намалил, до вкупно 18%.

Научниците не знаат како точно овие лекови го попречуваат растот на ракот на кожата, иако сметаат дека тоа е истиот механизам како и кај другите видови на рак, односно со инхибиција на ензимот „COX-2“. Ова е уште едно прашање на кое истражувачите ќе ги насочат своите истражувања во блиска иднина, со цел да се одредат точните дози и времетраењето на третманите, пред да се направат специфични препораки за употребата на овие лекови при превенцијата на ракот.

Наодите од истражувањето се објавени во „Journal of Investigative Dermatology“.

Поддржете ја нашата работа: