Астрономите ги детектирале првите водени облаци надвор од нашиот Сончев систем

Научниците откриле цврсти докази за постоење на водени облаци на едно блиско кафеаво џуџе. Ова е прв пат ваков вид облаци да се откриени надвор од нашиот Сончев систем.  

Кафеавото џуџе за кое се работи во овој случај се нарекува „WISE 0855“ и претставува најстуденото небеско тело надвор од нашиот Сончев систем. Иако не се знае многу за овој објект, заради неговата исклучително слаба светлина, овие наоди ќе помогнат подобро да се разбере составот на овие екстрасоларни небески тела, како и на гасните џинови како што е Јупитер.

„WISE 0855“ е откриен во 2014 година и се наоѓа на оддалеченост од само 7,2 светлосни години од Земјата, што е релативно блиску – според астрономските термини.

Тоа не претставува нити планета, нити ѕвезда. Фактички, за кафеавите џуџиња се вели дека се „неуспешни ѕвезди“, бидејќи се нешто помеѓу двете. Тие се формираат исто како и ѕвездите – од гравитациониот конгломерат од гас и прашина во вселената, но немаат доволно маса за да блеснат или да ја одржат нуклеарната реакција во своето јадро што им овозможува на ѕвездите да светат.

Она што го прави проучувањето на „WISE 0855“ многу тешко е фактот што е речиси невозможно да се види со нашaта конвенционалнa спектроскопиja. Заради негoвата исклучително слаба светлина во инфрацрвениот спектар и неговата оддалеченост (во километри), ова џуџе е едвај видливо дури и за најмоќните телескопи што се на Земјата.

Сепак, упорните научници од Универзитетот во Калифорнија, Санта Круз, откриле како да го добијат инфрацрвениот спектар на „WISE 0855“, користејќи го телескопот „Gemini-North“ на Хаваи и да направат снимање на поширока бранова должина (на 5 микрони) од таа што се користи кај конвенционалните спектроскопи на видливата или блиска-инфрацрвена бранова должина (помалку од 2,5 микрони).

„WISE 0855“ има пет пати поголема маса од Јупитер, но не е толку ладно. Има температура од -23 степени Целзиусови, за разлика од Јупитер чија температура изнесува – 145 степени Целзиусови.

Сепак, и покрај разликите, истражувачите сметаат дека „WISE 0855“ и Јупитер имаат  доволно сличности кои може да помогнат да се дознае повеќе за овој вид ладни објекти, кои се наоѓаат и во и надвор од  нашиот Сончевиот систем.

Уште една разлика што постои помеѓу „WISE 0855“ и Јупитер според истражувачите е тоа што Јупитер има многу потурбулентна атмосфера. Атмосферата на Јупитер содржи многу од состојката фосфин, која се создава во внатешноста на планетата и продолжува да создава нови хемиски реакции во надворешната атмосфера.

Спротивно на ова, „WISE 0855“ не покажува знаци за силна акција на фосфинот, што може да значи дека во неговата атмосферата се одвиваат помалку хемиски реакции.

За да се добијат повеќе информации за ова кафеаво џуџе ќе треба се направат подетални опсервации, но она што е возбудливо е тоа што овој труд отвора можност да се дознае повеќе за овие ладни бледи ѕвезди, како и за планетите кои им се слични.

Наодите се објавени во „The Astrophysical Journal Letters“.

Поддржете ја нашата работа: