Бактериите од кучињата се добри за нас

Доколку поседувате куче како ваше милениче, тогаш тоа има поголемо влијание на вашето здравје отколку што мислите

Досегашните истражувања ги поврзуваат кучињата со намалување на нивото на стрес и анксиозност кај сопственикот, како и намалување на крвниот притисок. Сега научниците велат дека кучињата можат да го подобрат и имунолошкиот систем.

Истражувачите од Универзитетот во Аризона започнуваат ново истражување за да видат дали бактериите во кучињата миленици го поттикнуваат развојот на корисните микроорганизми кај луѓето – онолку колку што е потребно за да се намалат алергиските реакции како кивањето, чешањето и осипот.

При истражувањето ќе се анализираат примероци од крв и кожа од луѓето и нивните миленичиња во период од три месеци за да се следат здравствените промени.

Претходните истражувања веќе покажале дека кучињата споделуваат голем дел од своите бактерии со своите сопственици со текот на времето. Домовите со миленичиња имаат поголема разновидност на бактерии, но не грижете се – изложеноста на различни микроорганизми изгледа дека го зголемува имунолошкиот систем.

„Сметаме дека кучињата делуваат како пробиотици за да го подобрат здравјето на бактериите во нашите црева. Овие бактерии имаат суштинско значење во нашето ментално и физичко здравје, особено како што старееме“, вели д-р Чарл Рејсон, професор по психијатрија на универзитетот и главен истражувач.

Истражувачите во моментов собираат средства за истражувањето и регрутираат волонтери за учество, на возраст помеѓу 50 и 80 години.

Поддржете ја нашата работа: