Бинарна ѕвезда се оддалечува од нашата галаксија и никој не знае зошто

Не е потребно големо научно разбирање за да се знае дека одредени објекти во универзумот орбитираат околу други објекти. Но, се чини дека тоа не важи за бинарниот ѕвезден систем „PB 3877“ кој се оддалечува од Млечниот Пат.

И покрај гравитационите сили на нашата галаксија, овој ѕвезден систем се оддалечува од нас со брзина од 2 милиони км/час и научниците не знаат зошто. А што е уште поинтересно, може да ја достигне потребната брзина за да „избега“ од нашата галаксија со што ќе влезе во меѓугалактичкиот простор.

Според тимот на астрофизичари од Универзитетот во Ерланген и Нурнберг во Германија, нашето сегашно разбирање на физиката не може да објасни зошто овој ѕвезден систем се движи вака.

Не постојат многу предлози за потенцијален одговор на ова што се случува, но овој тим на истражувачи смета дека чудното однесување на ѕвездата може да потекнува од судирот на Млечниот Пат со помала галаксија. Тоа би значело дека има и други ѕвезди кои во моментов се движат во чудна насока.

Или би можело да се работи за супернова (експлозија на ѕвезда) или можеби судир на ѕвезди кои би имале потенцијал да ја турнат „PB 3877“ кон надворешноста, но во тој случај би се уништил бинарниот систем, а тоа не е така.

Галактичкиот центар, односно црната дупка која се наоѓа во центарот на нашата галаксија е исклучена како причина бидејќи траекторијата на оваа ѕвезда никогаш не се ни доближила до неа.

Научниците ќе продолжат да бараат одговори со помош на спектроскопски набљудувања со телескопот „Keck II“ во Хаваи.

Истражувањето е објавено во „Astrophysical Journal Letters“.

Поддржете ја нашата работа: