Да повториме. Дремење на фејсбук не е на арно!

Секој четврт тинејџер е онлајн „речиси постојано”, а голем дел од онлајн времето ги користат социјалните мрежи/медиуми.

Но, ефектот на социјално вмрежување врз психичкото здравје на тинејџерите прилично е нејасен, поради малиот број истражувања на темата.

Сепак, честата употреба на социјалните медиуми може навистина негативно да се одрази врз психичката благосостојба кај младите лица.

Ова е заклучокот од истражувањето на Агенцијата за здравствени информации, програми и услуги во Отава. Конкретно, тинејџерите кои ги користат социјалните медиуми и сајтови два или повеќе часа на ден имаат многу поголема веројатност да страдаат од психичко пореметување и самоубиствени мисли.

Методологија на истражувањето

Анализирани се податоци од 750 ученици од 7- мо до 12-то одделение кои одговарале на прашања во врска со нивните навики за користење на социјални медиуми, психичкото  здравје и благосостојба, како и поддршка за психичките проблеми, доколку ги имаат. 25% од учениците изјавиле дека поминуваат најмалку два часа дневно на сајтовите за социјално вмрежување како Твитер, Инстаграм и Фејсбук.

Истражувачите откриле дека „зависниците“ се со поголема веројатност за психолошко пореметување (симптоми на анксиозност и депресија), самоубиствени мисли и неисполнети психолошки потреби.

Иако истражувањето не ја докажува каузалноста, веројатно е дека насоката на влијание оди во двете насоки. Тинејџерите со потешкотии поврзани со психичкото здравје можеби баш поради тоа ги користат социјалните медиуми често, а прекумерната употреба пак, уште толку ја влошува ситуацијата. И така во круг.

„Се работи за виртуелна потрага по интеракции, за да не се чувствуваат изолирани и осамени, но суштински, единствено нешто што е потребно за намалување на фрустрациите е комуникација лице во лице и присуство”, вели д-р Иг Сампаса Кануинга, главниот автор на истражувањето.

Наодите се во согласност со уште едно истражување од 2012 година, каде е откриена поврзаност помеѓу социјалните мрежи и депресијата кај средношколците.

Односите меѓу користењето на сајтовите за социјално вмрежување и психичките проблеми се сложени. Едноставната употреба на сајтовите за социјално вмрежување не може целосно да ги објасни проблемите.

Да го претвориме проблемот во решение

Сосема е непродуктивно да им се забрани на децата и младите да ги користат социјалните сајтови.  Всушност, тие се совршена платформа за здравствените институции да допрат и да се поврзат со оваа ранлива популација и да се обезбеди систем за промоција на здравјето и подршка.

Истражувачите од Отава, исто така, укажуваат на тоа дека родителите треба да бидат свесни за прекумерната употреба на социјалните медиуми како можен показател за проблеми со психичкото здравје.

Наодите се објавени на 13-ти јули во списанието „Cyberpsychology, Behavior, and Social Networking“.

Поддржете ја нашата работа: