Децата родени со царски рез имаат поголеми шанси да бидат дебели

Според едно ново истражување, бебињата родени со царски рез имаат поголема веројатност да бидат дебели отколку децата родени вагинално, и тоа не само како деца, туку и понатаму во животот, со последици кои се провлекуваат низ тинејџерските денови и во зрелоста.

Научниците анализирале податоци од повеќе од 22 илјади млади родители кои се дел од студијата „GUTS“ (Growing Up Today Study) која започнала во 1996 година и се’ уште трае, а ги испитува факторите кои влијаат на здравјето и тежината на луѓето како што тие стареат.

Анализите покажале дека оние учесници кои биле родени со царски рез (22% од групата) имале во просек 15% поголеми шанси за да бидат дебели, отколку тие што дошле на овој свет преку вагинално породување (останатите 78% од групата).

Оваа поврзаност се јавила и кај двата пола на сите возрасти, но најсилна била кога учесниците биле помали – на 9-12 годишна возраст шансите за дебелина биле за 23% поголеми, на 13-18 годишна возраст за 16% поголеми, додека на 19-28 годишна возраст за 10% поголеми.

Интересно е тоа што најголемиот ризик за дебелина на детето (30%) бил кога бремените жени одлучувале да се породат со царски рез без никакви документирани здравствени причини за тоа, а можеби најинтересно е тоа што оние учесници кои биле родени со царски рез, а имале браќа или сестри родени вагинално, имале за 64% поголеми шанси за дебелина од своите браќа и сестри, што претставува сигурен доказ за поврзаноста помеѓу царскиот рез и дебелината на децата.

Научниците и претходно ја забележале оваа поврзаност помеѓу царскиот рез и дебелината, но ова е најголемото и најопфатното истражување досега.

Сепак, останува прашањето, зошто се случува ова?

istock_3457127_.b316a094557.originalЗасега, никој не знае со сигурност, но децата родени со царски рез се помалку изложени на вагиналните и гастроинтестиналните микроорганизми од мајката, што може да има улога во нивната исхрана и тежина како што растат.

Важно е да се запамти дека кај многу жени царскиот рез е неопходен за да се заштити здравјето на мајката и бебето, што значи дека научниците не сугерираат дека жените треба да го избегнуваат овој метод на породување за да го намалат ризикот за дебелина на нивното дете.

Биолошката причина за оваа поврзаност допрва треба да се идентификува, и се додека не се потврди, треба да почекаме и да видиме што ќе ни откријат понатамошните истражувања.

Овие откритија се објавени во „JAMA Pediatrics“.

Поддржете ја нашата работа: