Еден час трчање го продолжува животниот век за седум часа

Веќе се направени многу истражувања за тоа колку е добро трчањето за нашето здравје. Во новата студија научниците дошле до сознание дека еден час трчање го продолжува животот за седум часа, без оглед на брзината на трчање и поминатите километри.

Студијата ја спровеле научниците од Државниот универзитет во Ајова. Тие извршиле анализа на податоците од многуте студии кои се занимавале со врската помеѓу физичката активност и морталитетот. Без оглед на брзината или километражата, се намалувал ризикот од прерана смрт кај лицата кои се бавеле со трчање. Ова сознание вредело и во случај ако тие лица прекумерено пушеле, пиеле, или страдале од одредени здравствени проблеми, како на пример дебелината.

Еден од авторите на студијата, Проф. Д-р. Ли рекол дека после овие студии си поставиле прашање дали има и други активности, како што е одењето на пример, кои се добри за здравјето. Маратонците, исто така се прашувале дали нивниот начин на трчање може да доведе до предвремена смрт поради исцрпеност на организмот.

По извршената анализа на податоците, научниците откриле дека секој додатен час трчање додава часови на живот. Исто така дошле до сознание дека лицето кое претходно не се занимавало со трчање, а почнало да трча, смртноста кај него се намалила за 16 отсто, а можноста за срцев удар за 25 отсто. Подобрувањето на здравствената состојба, посебно било видливо кај оние кои трчале повеќе од 4 часа неделно.

И другите форми на физички активности се покажале како добри за здравјето. Така одењето и возењето велосипед можат да го намалат ризикот од прерана смрт за 12 отсто . Научниците уште не можат со сигурност да кажат поради што трчањето е добро за продолжување на животот. Д-р. Ли смета дека со спорт можеме да се избориме против вообичаените ризик фактори за прерана смрт како што се високиот крвен притисок и маснотии во организмот, а посебно оние кои се наталожуваат во пределот на стомакот.

Меѓутоа, научниците нагласуваат дека ние нема да станеме бесмртни ако трчаме. Трчањето не може да ни донесе повеќе од три додатни години живот.

Поддржете ја нашата работа: