Раскошна вила на индонезискиот остров Бали не толку одамна се продаде по цена од 600 илјади долари. Веројатно и не би било ништо необично ако трансакцијата наместо во пари, не беше извршена во противвредност во биткоини.

Но, за што всушност станува збор?

Кон средината на 2008 година јапонскиот програмер(и), работејќи под псевдоним Сатоши Накамото, создаде ново средство за размена познато како „Биткоин“. Тогаш никој не можеше ниту да замисли дека еден ден таа дигитална валута би можела да стане толку раширена што ќе може рамноправно да се исправи пред постоечкиот глобален финансиски состав. За разлика од стандардните валути, ова платежно средство не е под капата на ниту една централна банка.

Од скромните почетоци кога почна да се користи од мала група ентузијасти, биткоинот стана сериозно средство за размена чии можности попримија светски размери. Денес со таа валута е можно да се купи речиси сè, од облека и храна, па сè до плаќање на фактури за студирање. Иако воведе многу позитивни промени, како што се брзо и безбедно плаќање, валутата предизвика и многу контроверзи заради ненејзината основна карактеристика, а тоа е дека станува збор за крипто-валута која им гарантира анонимност на своите корисници и на која е мошне тешко да ѝ се влезе во траг. Тоа ја прави идеално средство за тргување меѓу криминалците и терористите.

За оваа валута се изјасни и Европската банкарска агенција. Од таму предупредија на ризиците при користењето, посочувајќи на опасноста која може да се случи ако биткоин-паричникот стане мета на хакерски напад.

Вредноста на Битокоин-от е во постојан пораст и моментално руши рекорди

Противниците на биткоинот гласно предупредуваат дека таквите валути се добар инструмент за перење пари и финансирање на многу нелегални активности. А, до официјалниот став на релевантните институции, се чини дека вредноста на оваа виртуелна валута од ден на ден сè повеќе се зголемува.

Биткоин, една сосема нова валута

Иако е создаден уште во 2008 година и од тогаш зеде широки размери, на еден дел од јавноста и натаму ѝ е нејасен начинот на кој е создадена таа валута и како функционира. Самиот збор „Биткоин“ на англиски јазик може да се толкува на два начина. Едниот е bit – делче и coin – монета, што би значело малечка монета или пак, на друг начин – bit – информатичка единица и coin – монета, односно валута заснована на информатичка единица.

Платежното средство се темели на принципот на криптографија, односно наука што се занимава со безбедносна комуникација. Од таа причина една од основните карактеристики на биткоинот е анонимност на корисникот, кому е речиси невозможно да му се влезе во траг. Покрај тоа новата валута понуди решение за три големи проблеми поврзани со трговијата преку интернет:

– Прво, земајќи го предвид фактот дека е децентрализирана и не е контролирана од банка или институција, може да биде испратена од корисник до корисник без потреба од финансиски посредници. Тоа во голема мерка ги смалува трошоците на плаќање, бидејќи посредниците како PayPal или Western Union пресметуваат големи провизии.

– Второ, вообичаените платежни картички се на удар поради безбедноста на податоците на корисникот. Во денешно време кражбите на идентитетот и протекувањето на приватни податоци добиваат глобални размери. Полициите во светот одамна имаат формирано сектори за борба против таквиот вид интернет криминал.

– Трето, голем проблем за интернет плаќањето претставува поимот познат како двојно трошење, односно користење на одредена сума пари по неколку пати. Имено, вообичаениот начин на плаќање преку интернет може да доведе со една трансакција да се прокнижат неколку купувања. Така се случува некој корисник да биде оштетен бидејќи не добил пари за извршената услуга или за артиклот што го продал.

Како функционира биткоинот?

Како што веќе наведовме, станува збор за криптовалута за интернет трговија. Не е издадена од ниту една централна банка, што оневозможува контрола над валутата, но истовремено нуди безбедна трансакција и анонимност на корисникот.

Што се однесува до вообичаените валути кои што постојат и во електронски облик, како доларите, еврата или јенот, нивната вредност е контролирана од страна на Централната банка на матичната држава, преку монетарната политика. Ако Централната банка одлучи да издаде повеќе пари, вредноста на валутата ќе падне, што доведува до инфлација, но и поповолни цени на производите во странство. (Тоа често пати го практикува Кинеската централна банка заради поттикнување на извозот од Кина). Ако пак, Централната банка одлучи, преку купување, да ја намали количината на националната валута што е во оптек, нејзината вредност ќе се зголеми.
Бидејќи биткоинот нема Централна банка, ниту пак постои во материјален облик туку исклучиво во дигитален, неговата вредност не е одредена со монетарна политика на некоја земја, туку единствено со понудата и побарувачката на неговите корисници. Трговијата со биткоинот се одвива на глобалните мрежи. Бидејќи бројот на трансакции е голем и постојано се менува, треба редовно да се следи за да се има предвид колкава количина е во оптек.
Збир од неколку трансакции со биткоин се нарекува – блок. На пример (лицето – А купило книга, лицето – Б продало телевизор, а лицето – В преку интернет платило членарина.) Тоа е блок.

Првата нишка од биткоин мрежата е исплетена на 3 јануари 2009 година.

Рударење е операција со која преку математички задачи се потврдува блокот трансакции. Штом блокот се потврди тој се додава кон блоковите од претходните трансакции кои што постојат во мрежата на биткоинот. Така се создава ланец на блокови. Тој ланец е математички поврзан така што гарантира сигурност на трансакциите, што спречува каква било измама или двојно трошење.
Ако некој корисник се обиде да изврши измама, системот би го исфрлил од причина што сите направени трансакции сочинуваат заеднички ланец и секоја неправилност или аномалија што нема да се совпаѓа со матрицата укажува за обид за измама. Ланецот на блокови служи и како јавна книга, попис за сите трансакции кои се дотогаш направени, така што секој корисник на биткоин-мрежата, може да ги провери финансиските операции, но не и приватните податоци на корисниците.

Истовремено, биткоинот е заштитен од инфлација, односно од губење на вредноста на начин што тој нема да може да се произведува во недоглед, како што е тоа можно со валутите контролирани од некоја Централна банка. Нивниот дозволен максимум во оптек ќе биде 21 милион. Износ заштитен со посебна математичка формула. Во јануари 2016 бројот на биткоини во оптек изнесуваше 15 милиони. Како што ќе се приближува до крајниот износ, математичките формули за потврдување на блок-трансакции ќе стануваат сè потешки, а наградите за пронаоѓање на решение на блокот ќе бита сè помали и нема секогаш да изнесуваат по 25 биткоини по блок. Се смета дека сите 21 милион биткоини ќе бидат во оптек до 2140 година.

Поради тежината на математички задачи со кои се потврдува исправноста на блокот трансакции, а со тоа и добивањето награда, „рударите“ се здружуваат во друштва бидејќи индивидуалната шанса за успех е минимална. Покрај тоа, веќе е развиен и посебен компјутерски хардвер изработен токму за „рударење“ на таа дигитална валута.

Погледнете само како изгледа еден таен „рудник“ во Кина, која важи за главен „производител“ на Биткоин-и во моментот.

Биткоин во легален систем

Како и секоја друга валута, така и биткоинот, нема никаква инхерентна, внатрешна вредност. Парите се само парче хартија или во случај на електронско плаќање, еден информатички податок, кој вреди толку колку што доволен број податоци ќе покажат дека треба да вреди. (Во историјата нивната вредност се дефинирала со меѓусебен договор на трговските партнери) Кога тоа ќе било широко прифатено почнувала трговијата. Така една пара, на која го пишувало бројот 10 почнувало да означува вредност на 1 килограм јаболка, а парата со број 100 одржувала вредност на еден коњ. Па наместо да носат со себе јаболки и коњи, луѓето дошле до заклучок дека поедноставно е да се носат најпрвин метални парички, а потоа и книжни пари. Во еден момент се појавиле платежните картички. и биткоинот. Кога одредена група се согласи дека новата дигитална валута има одредена вредност и почна да ја прифаќа како средство за размена, на теренот се појави и биткоинот. Иако нема приврзаници како еврото и доларот, биткоинот веќе се наметнува како сериозна валута на иднината.

Што се однесува до неговиот легален статус, биткоинот во некои земји, како Јапонија или делови на САД, е поздравен и неговата употреба е добро прифатена, а неодамна Јапонија дури дозволи и легална трговија со Биткоин, на други меска, како Еквадор на пример, тој е забранет. Локалните власти се залагаат за основање на сопствена дигитална валута која ќе биде контролирана од Еквадорската централна банка.

Во третата група се наоѓаат држави како Аргентина, Русија, Италија и Холандија кои не го забрануваат, но прилинчно се скептични кон новата валута. Во своите финансиски извештаи аргентинските власти изразуваат скептичност поради невозможноста за воспоставување контрола од страна на државните органи над новата валута, што се коментира како плодна почва за нелегални трансакции.

Затворањето на интернет платформата за продажба на наркотици со биткоини, таканаречениот „Пат на свилата“ (за кој пишувавме поопширно во колумната за Даркнет), од страна на ФБИ во 2013 година, ги оправда сомнежите за негативните аспекти на таа валута.

Иднината на биткоинот

Иднината на оваа валута засега се проценува дека е неизвесна. Критичарите го сметаат за надуван финансиски балон чија вредност е прилично нестабилна. Вредноста на биткоинот нагло порасна до 1000$ во втората половина на 2013 година, за набргу да се стабилизира околу 400$. Од почетокот на 2017 година, неговата вредност конктинуирано расте и неодмана надмина 2700$!

Од друга страна, поборниците на новата валута ги истакнуваат нејзините квалитети и тврдат дека времето работи во корист на нејзината вредност. Ако биткоинот за неколку години стане признаен од широките народни маси би можело да го реформира сегашниот глобален финансиски состав и да го промени до непрепознатливост.

Извори: securityintelligence.com | www.bitcoinvalues.net | www.coindesk.com | Bitcoin, its economic impact, Gaikwad, Singh | bitcoin.org

Поддржете ја нашата работа: