Гонорејата полека станува неизлечлива болест

Гонореја (трипер или капавец) — заразно полово заболување, кое се пренесува со полов контакт, може да се пренесе од мајката на плодот за време на бременоста, а многу ретко преку заразени предмети (облека, крпа, сунѓер) и ја предизвикува бактеријата Neisseria gonorrhea. Извор на зараза е заразен човек и се пренесува со директен полов контакт преку кожа и слузокожа на половите органи. Клиничката слика на гонореја е различна кај мажи и кај жени.

Светската здравствена организација (СЗО) објави драматично соопштение во кое ги повика луѓето да користат кондоми при сексуален однос, поради покачен степен на појава на гонореја која, за жал, во некои случаеви станала отпорна на антибиотици.

“Бактеријата е исклучително интелигентна. Кога и да примениме нова серија на антибиотици за лекување на инфекцијата, таа се развива и станува отпорна. Факт е дека сиромашните земји немаат систем за следење и нејзина дијагноза”, објаснува Теодора Ви, експерт при СЗО.

Врз основа на податоците собрани од дури 77 земји во светот, СЗО дава соопштение во кое предупредува алармантни резултати дека оваа бактерија е се поотпорна. Освен што на бактеријата повеќе не делуваат старите антибиотици, загрижувачки е тоа што ни новата генерација на антибиотици не е ефикасна во некои случаеви.

Според податоците на СЗО, гонорејата годишно инфицира дури 78 милиони луѓе, а бројот на заразени е во постојан пораст.

Во 2015та година во САД и Велика Британија пријавен е пораст на повеќе од 10 отсто, а и бројот на случаеви во рамките на геј популацијата во Франција е поголем помеѓу 2013та и 2015та година. Стапката на инфицирани е сепак најголема во Африка, каде секоја година е заразен еден од десет мажи.

Симптомите може да бидат благи или неподносливо болни и да предизвикуваат абдоминални болки и треска со висока температура. Доколку бремена жена има гонореја, таа може да го зарази бебето за време на пораѓањето, односно додека тоа поминувало низ родилниот канал. Заразата може да предизвика слепило, зараза на зглобовите или зараза на крвта која може да биде опасна по живот.

Главна причина за појава на гонореја е неупотреба на кондом, сиромашен надзор и несоодветно лекување доколку веќе постои инфекција, напоменуваат од СЗО.

Поддржете ја нашата работа: