Идеалното женско тело според науката

Според едно неодамнешно истражување, објавено во „PeerJ“, мажите сметаат дека потенкото женко тело е попривлечно, бидејќи го поврзуваат со младост, плодност и помал ризик од болести.

Идеалното тело варира помеѓу половите и индивидуалните преференци на една личност. Идеалните параметри еволуирале за да сигнализираат здравје и плодност. Иако, ова влијание би можело да биде и културно, особено кога ќе го земеме предвид фактот дека медиумите може да влијаат на нас повеќе од гените или еволуцијата.

Едно истражување од 2012 година, објавено во „PLOS ONE“ покажало дека идеална женска фигура за мажите е онаа како песочен часовник, со индекс на телесна маса од 18,82. Од друга страна пак, жените претпочитале мажите да имаат фигура како превртена пирамида, со широки рамена и мала половина, со индекс на телесна маса од 24,5.

Но, зошто на мажите и жените одредени карактеристики им се попривлечни од другите? Професорот Џон Спикмен се запрашал дали еволуцијата има некаква врска со тоа. Кога ќе погледнеме некој и ќе помислиме дека е физички привлечен, дали всушност го оценуваме, врз основа на еволутивното разбирање на неговиот потенцијал за иден опстанок и репродукција?

За да ја испита оваа теорија, тој заедно со своите колеги направил математички модел кој ги комбинирал врските меѓу дебелината, животниот век и плодноста. Моделот предвидел дека жените со индекс на телесна маса помеѓу 24 и 24,8 се сметаат за физички попривлечни. Потоа, истражувачите го тестирале ова предвидување на повеќе од 1.300 луѓе од 10 различни земји. На секој учесник му бил покажан шпил од 21 карта со различни видови на женско тело и потоа требало да ги подредат картите почнувајќи од најмалку привлечното. Резултатите покажале дека најслабите (со индекс на телесна маса 19) биле оценети како најпривлечни.

Ова не било во согласност со предвидувањата на математичкиот модел, а тоа се должело на возраста, бидејќи кога истражувачите ја вклучиле и возраста во моделот, мажите ги сметале жените со индекс на телесна маса помеѓу 17 и 20 како најпривлечни. Индексот на телесна маса пак, е поврзан со помладите жени на возраст помеѓу 18 и 20 години, плодноста и малиот ризик за болести во иднина.

„Еволутивната рамка на сето ова ни овозможува да разбереме зошто послабите жени се толку привлечни“, вели Спикмен, што воопшто не е изненадувачки со оглед на тоа што медиумите и модниот свет ги величат и наметнуваат послабите женски тела. Сепак, ова истражување ни дава еден еволутивен увид кој претходно го немавме, меѓутоа тоа не значи дека важи за сите мажи. Едно друго истражување од 2011 година, објавено во „Archives of Sexual Behavior“ вели дека за мажите поважен е обликот на песочен часовник, отколку големината на градите или цртите на лицето, бидејќи потсвесно, го поврзуваат со добро здравје и плодност.

Кој е заклучокот од овие истражувања?
Мажите сакаат жени со различни облици и големини. Неодамнешното истражување ги претставува само мажите кои сакаат одреден тип. Еволутивни фактори или не, убавината е само површна.

Поддржете ја нашата работа: