Како алкохолот влијае на машката плодност?

СПОДЕЛИ

Дури и повременото, меѓутоа високо-количинско, конзумирање на алкохол може да има драматичен ефект на репродуктивниот систем, и кај мажите и кај жените. Алкохолот влијае врз синтезата на машките репродуктивни хормони и ги намалува параметрите со кои се определува квалитетот на спермата: вкупниот број и концентрација на сперматозоиди во ејакулатот, нивната подвижност и морфологија.

Алкохолот и машката плодност

Една неодамнешна студија од Данска во која беа вклучени 1221 здрави млади мажи (18-28 год.), покажа дека и повремената навика за пиење алкохол -до 5 пијалока неделно – може негативно да влијае на вкупниот број на произведени сперматозоиди во ејакулатот, концентрацијата на сперматозоидите во еден милилитар сперма, како и морфологијата на сперматозоидите (критериум по кој се определува колку добро е формиран еден сперматозоид).

Оние кои се љубопитни понатаму и сакаат да знаат повеќе детали за параметрите вклучени во статистичката обработка на податоците можат да ја прочитаат студијата тука.

Влијанието на алкохолот врз тестостеронот

Прекумереното конзумирање на алкохол докажано го намалува производството на тестостеронот, а во екстремни случаи ја намалува и големината на самите тестиси, каде се произведува овој хормон во машкото тело.

Бидејќи тестостеронот е директно вклучен во речиси сите процеси на машката репродукција, неговата намалена концентрација предизвикана од преголемо конзумирање на алкохол може да допринесе до плејада на дополнителни негативни последици како намалена плодност и импотенција (т.е неможноста да се постигне ерекција).

Некои студии укажуваат и дека дури единечна, висока доза на алкохол може да го намали нивото на тестостерон во крвта и до неколку дена после пиење. Причините за овој краткотраен, но непосакуван ефект можат да бидат поради тоа што алкохолот делумно ја зголемува способноста на телото да го елиминира тестостеронот од крвта, и од друга страна да го конвертира тестостеронот во естроген. (Оние со напредно познавање на хемија можат да прочитаат тука, за ароматизација на андрогени хормони во естрогени).

И покрај нивната репутација на “машки„ и “женски„ хормони последователно, тестостеронот и естрогенот се присутни во различни концентрации и во женскиот и во машкиот организам. Двата хормона се битни за нормално функционирање на репродуктивните системи. Меѓутоа, здравите мажи треба да имаат повиски концентрации на тестостерон од естроген, а обратното важи за здравите жени.

Влијанието на алкохолот врз квалитетот на сперматозоидите

За да прозведе здрави и нормални сперматозоиди, телото мора да прозведе тестостерон, лутеинизирачки хормон (LH) и фоликуло-стимулирачки хормон (FSH) – кои имаат за цел да ги одржат во живот Сертолиевите клетки во тестисите. Овие клетки се наоѓаат во ѕидовите на семените каналчиња во тестисите. Тие не ги произведуваат,меѓутоа ги прехрануваат и им помагаат на сперматозоидите да се развијат нормално.

Бидејќи алкохолот негативно влијае врз синтезата на сите три гореспомнатни хормони, тоа допринесува и кон неспособноста на Сертолиевите клетки правилно да ја обавуваат својата функција. Ова пак резултира со помал број на сперматозоиди кои можат да бидат деформирани и како такви не можат да допливаат до јајце клетката. Со други зборови, често конзумирање на алкохол во големи количини допринесува кон нарушување на мотилноста и морфологијата на сперматозоидите.

Третирање на неплодност предизвикана од алкохол

Добрата вест е тоа што дури и ако еден човек пие редовно и во зголемени количини, ефектите на алкохолот врз машката плодност можат да бидат минимизирани, дури и целосно реверзирани, ако пациентот прекине да пие.

Постојат извештаи од пациенти каде хроничнота злоупотреба на алкохол носи до целосна азооспермија (отсуството на сперматозоиди во семената течност), меѓутоа по 6 месеци од прекин на консумирање на алкохол, бројот на сперматозоиди е повратен во границите на нормалата. Во случајов, пациентот успеал да зачне со помош на ИВФ третмани во наредните две години.

Како заклучок, алкохолот може драстично да ја намали машката плодност, меѓутоа ефектите зависат од количината на конзумираниот алкохол, и токму заради тоа – оптимистички – можат да бидат реверзирани. Кога би требало да ја издегестираме колумнава во една крајно неизненадувачка порака, тогаш тоа би гласело вака: колку повеќе мажот пие, толку полошо е тоа за неговата плодност, а целосна апстиненција од алкохол драматично ги подобрува шансите за зачнување.

Дискусија

Коментари

СПОДЕЛИ
Симона Шенбакар е магистер по фармацевтска биотехнологија и моментално работи во Германија во областа на генетска дијагностика на ретки болести и персонализирана медицина како раководител на Одделот за Медицински квалитет и генетско советување во фирмата Centogene.