Како ќе влијае „Brexit“ на истражувачката заедница?

Велика Британија и ЕУ се тесно поврзани во областа на истражувањето – преку размената на научници, финансирањето и поставувањето на заеднички стандарди.

И што сега? Што ќе се случи со ова после после референдумот за излегување на Велика Британија од ЕУ? „Дојче Веле“ дава одговор на многу прашања поврзани со ова.

Колку се важни ЕУ фондовите за британските истражувачки институции?

Иако Велика Британија дава повеќе во ЕУ отколку што добива од неа, единствен исклучок од ова има на полето на науката. Причина: Британија е водечка нација во науката со високо реномирани истражувачки институции. Овие институции се во состојба да привлечат релативно повеќе проектни фондови и парите од донаторите да ги искористат за добри цели. Ова може да се види преку анализа на светските научни публикации. Во еден од шест најцитирани трудови има барем еден британски автор.

Севкупно, ЕУ ги финансира своите научни истражувања преку програмата „Хоризонт 2020“, обезбедувајќи 80 милијарди евра во период од седум години (2014-2020). Во периодот пред ова, британските институции добиле финансии во вкупна вредност од 7 милијарди евра.

Каков ефект ќе има „Brexit“ на британските универзитети?

Напуштањето на ЕУ ќе направи голема празнина во универитетските буџети. Некои унверзитети обезбедуваат повеќе од 10 проценти од финансиите за своите истражувања преку ЕУ проектите. Британската влада ќе треба да ги компензира овие загуби од средствата што ќе ги заштеди со излегувањето од ЕУ.

Сепак, постои голема неизвесност во поглед на долгорочните економски достигнувања на земјата. Доколку Британија влезе во рецесија, сите „заштеди“ што ќе ги донесе „Brexit“, брзо ќе пресушат.

Засега, универзитетите се соочуваат со финансиска несигурност и се предвидува годишен јаз од 930 милиони евра.

Што ќе се случи со заедничките тековни истражувачки проекти?

Отсега натаму ќе се преговара за деталите за британскиот „Brexit“. Но, во меѓувреме ќе продолжат важечките договори за финансирање помеѓу ЕУ и британските институции и не постои опасност британските учесници да бидат исклучени од проектите со другите ЕУ партнери.

Сепак, останува отворено прашањето што се однесува на дозволите за престој на истражувачите од двете страни на каналот. Се надеваме дека владите ќе најдат прагматични решенија што ќе овозможат да се одржи континуитетот.

brexit2Што ќе се случи со британските научници во истражувачките институции во ЕУ?

Британските истражувачи кои со години работат во истражувачките центри на континентот, сериозно ја разгледуваат опцијата да побараат жителство во земјите каде престојуваат, вели Аника Тиел, претставник на германската канцеларијата на Хелмхолц во Брисел.

Сите институти на „JRC“ (Joint Research Commission) – тело на Европската Комисија, се лоцирани надвор од Велика Британија. Сепак, Велика Британија е вклучена во работата на овие институции и ќе треба да преговара со секоја од нив поединечно.

Вработувањето на Британците ќе биде помалку проблематично, особено ако имаат директни договори за работа со соодветната институција и не се вработени врз онова на договор за размена.

Како ќе продолжи соработката со големите европски институции, како што е ЦЕРН?

Истражувачките институции како што е Центарот за европски нуклеарни истражувања (ЦЕРН), по својата структура имаат интернационален карактер што им овозможува на  британските научници непречено да продолжат со својата работа и учеството на Велика Британија како земја.

Причина: ЦЕРН не е институција на ЕУ, туку пред  сѐ претставува заедничка европска институција, што значи дека вклучува и многу земји кои не се членки на ЕУ. Работи целосно независно од одлуките во Брисел или Лондон и се придржува само на научните принципи (не и на политичките). Тоа се однесува и на кадровската политика.

Слична е состојбата и со Европската вселенска агенција, која е меѓувладина институција која за проектите и финансирањето преговара исклучиво со земјите –членки на годишна министерска конференција. Некои ЕУ земји се само членки за соработка, додека некои земји кои не се членки на ЕУ –како Швајцарија и Норвешка, имаат полноправно партнерство.

Како ќе влијае „Brexit“ врз студентите?

Британските студенти што веќе се наоѓаа на континентот пред да се случи референдумот во  Британија, ќе треба на време да го регулираат својот престој. Со време ќе треба да добијат и виза. Во иднина, британските студенти ќе треба да поминат низ истите процедури за апликација како и граѓаните на другите земји кои не се членки на ЕУ. Останува нејасно дали Велика Британија ќе остане во програмата Еразмус за размена на студенти. За тоа ќе треба повторно да се преговара.

Дали Британија се соочува со „одлив на мозоци“?

Во последните години, Британија значително го намали финансиите наменети за истражување. Во исто време, фондовите во ЕУ за проекти континуирано се зголемуваат. Ова е една од причините зошто британските научници се позитивно настроени кон ЕУ. Дали експертите ќе се обидат да ја пробаат среќата на континентот првенствено ќе зависи од способноста на Лондон да го премости овој финансиски јаз. Во спротивно, британските универзитети може да станат релативно помалку атрактивни.

brexit3Дали „Brexit“ ќе донесе нешто позитивно за британските истражувачи?

Што се однесува до медицинските клинички испитувања, излегувањето на Британија од ЕУ може да претставува нов стимул за научниците. Причина: Регулативите во ЕУ за спроведување на клинички тестирања се многу тешки за да можат некои истражувачи и помали институции да ги исполнат. Ова доведе до севкупно намалување на клиничките испитувања во ЕУ. Многу помали истражувачки проекти едноставно беа блокирани.

Доколку Велика Британија ги олабави овие правила, тоа може да обезбеди поширок простор за разични истражувања. Истото важи и за полето на генетски модифицираните  организми, каде Британија би можела да ги намали строгите ЕУ стандарди и со тоа да ги направи своите универзитети атрактивни за истражувачите од овие дисциплини.

Поддржете ја нашата работа: