Како Т-клетките го убиваат ракот (+ видео)

Тие се движат брзо во својата средина, со цел да откријат инфицирани клетки или клетки од рак. Кога ќе ја откријат својата цел, цитотоксичните Т-клетки се закачуваат за неа и потоа ја уништуваат. Со помош на најсовремена техника на снимање, истражувачите од Универзитетот од Кембриџ успеале да го снимат овој извонреден процес.

Во телото постојат милијарди цитотоксични Т-клетки – кои на видеото можат да се забележат како зелени и  портокалови „грутки“. Тие ги препознаваат различните патогени по „маркерите“што се наоѓаат на површината на овие клетки. Овие маркери, познати како „антигени“ им покажуваат на Т-клетките дали клетката носи непознати или абнормални молекули. Кога цитотоксичните Т-клетки ќе го препознаат непосакуваниот натрапник, тие го напаѓаат со тоа што се врзуваат за клетката- натрапник и во неа вбризгуваат отровни молекули, наречени цитотоксини – во филмот цитотоксините се обоени црвено, додека клетките од ракот се сини.


„Во нашето тело, каде клетките се збиени заедно, од суштинска важност е Т-клетките својот смртоносен удар да го насочат кон точно определена цел, бидејќи во спротивно, може да настрадаат соседните здрави клетки. Кога цитотоксините се вбризгани во клетката на ракот таа почнува да слабее и може да ја видиме како умира. Потоа, Т-клетките продолжуваат понатака, во потрага по друга жртва“- вели професорот Грифин, директор на Институтот за медицински истражувања на Кембриџ.

Иако цитотоксичните Т-клетки се многу мали – нивната големина изнесува една десетина од ширината на човечко влакно, тие се од витална важност за одбраната на организмот од инфекции и тумори. Истражувањето, што беше објавено во списанието „Immunity“, е направено со најсовремена технологија со која научниците успеале да ја снимаат оваа херојска битка, која може да ја погледнете во видеото.   

Поддржете ја нашата работа: