Како вештачката интелигенција може да го помине Тјуринговиот тест?

Тјуринговиот тест, кој првично е развиен во 1950 година, е еден од најпознатите начини за мерење на вештачката интелигенција, според кој доколку човекот не може да препознае дали разговара со вештачка интелигенција или со човек, тоа значи дека вештачката интелигенција го поминала тестот.

Но, сега, научниците открија еден начин, односно трик на кој вештачката интелигенција може да го помине тестот – едноставно да молчи.

Доколку вештачката интелигенција едноставно не одговара на прашањата, ќе ја збуни перцепцијата на лицето на другата страна на разговорот кое најверојатно ќе се прашува дали разговара со срамежлив (или можеби навреден) човек или пак со расипан компјутер.

Научниците од Универзитетот Ковентри во Велика Британија разгледувале 6 записници од претходни тестови и забележале дека кога машината престанувала да збори, предизвикувала сомнеж кај судиите. Во тие случаи, машината не одговарала на прашањата поради технички проблеми, но судиите не знаеле за што станува збор и го класифицирале соговорникот како „несигурен“, а ако судијата е несигурен, тоа значи дека вештачката интелигенција успеала.

Се’ уште постојат многу контроверзии околу правилата на Тјуринговиот тест, како и многу нејаснотии за тоа што точно неговиот творец Алан Тјуринг сакал да измери.

Научниците го толкуваат тестот како основна „игра на имитација“, како што ја опишал и самиот Тјуринг – вештачката интелигенција треба да биде способна да се преправа дека е човек до разумно ниво на убедување.

Според истражувачите, Тјуринг го дизајнирал тестот за да го поттикне развојот на машини кои ќе одговараат на задоволителен и одржлив начин и нема да претставуваат само компјутери кои ќе се обидат да ги измамат судиите. Токму затоа, доколку не одговараат на прашањата, играта на имитација нема да биде фер, иако ќе биде ефикасна. Доколку судијата не е сигурен со кого или со што разговара, вештачката интелигенција победува. Но, како може судијата да биде сигурен кога машината не кажува ништо? Доколку машината го помине тестот со молчење, тоа не докажува дека таа навистина може да размислува.

human-robot_1024Истражувачите сугерираат дека вештачката интелигенција може намерно да молчи за да не се издаде со глупав одговор, па можеби Тјуринговиот тест во иднина би можел некако да се подеси за автоматски да ги дисквалификува натпреварувачите доколку молчат, без разлика дали се работи за машина или човек.

Па, можеби ни треба нов Тјурингов тест за 21-виот век, со оглед на тоа колку многу напреднале комјутерските науки од 1950 година. Или можеби овој тест повеќе не е толку релевантен како што некогаш бил, со оглед на зачудувачкиот напредок на вештачката интелигенција во последниве неколку децении.

Истражувањето е објавено во „Journal of Experimental & Theoretical Artificial Intelligence.“

Поддржете ја нашата работа: