Канадска наставничка доби награда од милион долари

Канадска наставничка која предава во отсечено село на Арктикот доби еден милион долари вредна Глобална награда за наставници, на церемонија во Дубаи во неделата.

Меги МекДонел, која „ги променила животите на своите ученици и ја трансформирала заедницата“, беше една од десетте финалисти избрани од 20000 номинации и пријави од 179 држави.

Во изминатите шест години таа предавала во инуитското село Салуит, во Квебек во Канадскиот Арктик. Во селото имало висока стапка на самоубиства, а таа помогнала да се намали, пишува во нејзината биографија напишана од организаторите на наградата.

МекДонел вели дека посведочила повеќе од 10 самоубиства.

„Како наставничка, кога доаѓам на училиште утрото, таму има празна клупа. Има тишина“, вели таа. „Ви благодарам што глобалното внимание се сврте кон нив“, додава.

МекДонел создала програма за животни вештини, особено за девојките во регионот каде се чести тинејџерските бремености, како и високата стапка на сексуално насилство. Многу наставници ги напуштаат работните места сред училишна година, поради стресот и тешките временски услови со кои се соочува домородната заедница.

Канадскиот премиер Џастин Трудо ѝ честита на МекДонел во видео порака, велејќи дека нацијата е многу горда на неа.

На МекДонел, која исто така е привремен старател на деца-сираци од инуитската заедница, наградата ѝ беше доделена на церемонија која ја отвори италијанскиот тенор Андреа Бочели.

Наградата која се избира во стилот на Нобеловата награда беше воспоставена пред три години, од Фондацијата Варки во Дубаи. Наградата се плаќа на рати и бара од добитникот да остане наставник уште најмалку пет години.

Минатата година, престижната награда ја доби палестинската наставничка Ханан ал-Хруб, за нејзиниот иновативен пристап на користење игри за да се спротивстави на насилното однесување меѓу нејзините ученици од Западниот Брег.

Извор : radiomof.mk

Поддржете ја нашата работа: