Кина ќе ја истражува темната страна на Месечината

Кина објави дека ќе испрати сонда на Месечината, за да ја истражува лунарната територија која досега не е видена одблиску од човечко око.

Според државната новинска агенција „Ксинхуа“, Кина ќе ја испрати сондата „Chang’e-4“ на  темната страна на Месечината во 2018 година.

Иако темната страна на Месечината беше набљудувана и снимана од орбитата, сепак, досега не е истражувана од астронаути, нити на нејзината површина слетало вселенско летало.

Мисијата „Chang’e-4“ ќе следува по мисијата „Chang’e-3“, кога леталото успешно слета на Месечината во 2013 година, со што стана првото вселенско летало што го постигна тоа после речиси 40 години – откривајќи нови работи за Месечината кои досега беа непознати (енаука.мк).

Според Лиу, шефот за лунарни истражувања на Кина, сондата „Chang’e-4“ во својата структура е многу слична со „Chang’e-3“, но може да носи поголем товар. Леталото, заедно со роверите што ги содржи, ќе ги испитува геолошките услови на темната страна на Месечината.

Овие истражувања можат да донесат нови сознанија за Месечината, како и можност за истражување на лунарната површина на басенот Аткинс на Јужниот пол.

И покрај брзиот раст на кинеската вселенска програма, досега мисиите беа само повторување на постигнувањата што пред нив ги постигаа Русија и САД, но со најновите мисии јасно се покажува дека нацијата е подготвена за сериозни сопствени достигнувања.

По „Chang’e-4“, следното летало „Chang’e-5“ што веќе се развива, е наменето за уште поамбициозна мисија – да слета на Месечината, а потоа  да се врати на Земјата.

Поддржете ја нашата работа: