Која е разликата помеѓу Алцхајмеровата болест и Деменција?

female senior in care home

Алцхајмеровата болест и деменцијата можеби делат голем број на исти симптоми, но сепак не се работи за истата болест.

Деменцијата е синдром, или група на синдроми кои постојано се јавуваат заедно. Таа не е посебна болест, туку се користи за да се опише збир на симптоми кои вклучуваат губење на меморијата, потешкотии при размислувањето, решавањето на проблеми и проблеми со јазикот.

Деменцијата е предизвикана од оштетување на мозочните клетки, а бидејќи Алцхајмеровата болест е болест која го уништува мозокот, таа е една од најчестите причини за деменција.

Околу 50 до 70 проценти од сите случаи на деменција се предизвикани од Алцхајмеровата болест. Меѓутоа и други состојби може да предизвикаат деменција, како што се Паркинсоновата болест и Кројцфелд-Јакобовата болест. Често деменцијата погрешно се нарекува сенилност, или сенилна деменција, што се одразува на широко распространетото погрешно верување дека сериозниот ментален пад е нормален дел од стареењето.

Според Здружението за Алцхајмерова болест, симптомите на деменција варираат во голема мера и и може да вклучуваат фактори како проблеми со меморијата, комуникацијата и јазикот, губење на способноста за фокусирање и обрнување на внимание, потешкотии при размислувањето и расудувањето, како и проблеми со визуелната перцепција. Различни видови на деменција се поврзани со различни оштетувања на мозокот.

Околу 10 проценти од луѓето со деменција имаат повеќе од еден вид истовремено, од кои најчеста е комбинацијата на Алцхајмеровата болест со васкуларната деменција, велат од Здружението за Алцхајмерова болест.

Од друга страна, Алцхајмеровата болест е посебен вид на деменција и настанува кога високо ниво на одредени протеини во и надвор од мозочните клетки ја отежнуваат нивната комуникација и здравје. Ова доведува до губење на врските помеѓу нервните клетки што на крајот води до смрт на нервните клетки и губење на мозочно ткиво.

Тоа е најголемата разлика помеѓу деменцијата и Алцхајмеровата болест – кога една индивидуа се дијагностицира со деменција, всушност се дијагностицира врз основа на симптомите, без да се знае што има позади симптомите. Во случајот на Алцхајмеровата болест, точната причина за симптомите е позната. Покрај тоа, таа не е реверзибилна, додека некои видови на деменција, како што е онаа предизвикана од проблеми со исхраната или пак од некои лекови, се реверзибилни и може да се променат.

Поддржете ја нашата работа: