Колку пушат тинејџерите?

Бројката која често се користи за да се опише сегашната употреба на цигари меѓу средношколци е изведена од анкета која најчесто се однесува на пушењето во период од 30 дена.

Иако одговорот на тоа прашање покажува пад од 29%  во месечното пушење меѓу 1975 и 2013 година, новата студија од истражувачите на Школата за јавно здравство и здравствени професии на Универзитетот во Бафало(SPHHP) го нарекува ова „груб и променлив индикатор” на фрекфенцијата и интензитетот на пушење.

Во оваа бројка не е вклучено колку пати испитаниците пушеле овој месец, колку цигари биле испушени секој пат итн, велат тие. Таа, исто така, не ги вклучува новите форми на употреба на никотин, како на пр. електронските цигари.

Потребни се информации за интензитетот на пушењето за да се проценат здравствените ризици, бидејќи активното пушење предизвикува повеќе болести и смрт отколку повременото.

Студијата со наслов „Намалувањето на месечната употреба на цигари кај младите и потребата за зацврстување на надзорните мерки”, објавена во октомвриското издание на „Preventive Medicine Reports“, повикува на подлабока анализа на податоци за да се создаде попрецизна слика за пушењето. Студијата ги анализира податоците од едно истражување од 1973-2013 година за однесувањето, ставовите и вредностите на младите Американци. 

“Нашите наоди, втемелени на подлабока анализа на податоците, претставуваат добра вест”, велат авторите.

Забележано е намалување на интензитетот на пушењето. Помеѓу 1975 и 2013 година, месечно, бројот на пушачи кои пушеле 10 или повеќе цигари на ден се намалил за 57%, а оние кои изјавиле дека секојдневно пушат имале 40 % помала веројатност да пушат 10 или повеќе цигари дневно.

Електронските цигари и останатите замени на цигарите можат да ги поткопаат анализите и затоа се апелира да бидат вклучени во разгледувањето на навиките за пушење.

Во прилог на истражувањето, авторите  развиваат проекти за користење на животните фактори, како што се вежби и исхрана за полесно откажување од цигари.

За споредба, во Македонија, старосната граница на лицата што ја земаат првата цигара е намалена, односно се повеќе млади луѓе почнуваат да пушат. Дури 27,1% од младите на возраст од 14 до 24 години или околу 30.000 млади лица се пушачи.

Со ова младите во Македонија го надминуваат меѓународниот просек за пушачи кој изнесува 22% и секоја година се намалува.

Поддржете ја нашата работа: