Колку време е потребно да се излекува „скршено срце“?

Раскинувањето на романтичната врска може да биде многу болно и физички и ментално, потсетувајќи не дека романсата е завршена и дека сме повторно сами. Купишта нездрава храна, гледање романтични филмови и слушање на тажни песни се само некои од начините да се излекува „скршеното срце“.

Сепак, што вели науката за тоа колку време е потребно да го надминете ова чувство и повторно да си дојдете на себе?

Според едно истражување што беше објавено во „Journal of Positive Psychology“, потребни се три месеци да го преболите раскинувањето и да излезете од зоната на опоравување.

Повеќето од истражувањата што се однесуваат на раскинувањето се фокусираат на негативните последици, како што се физичката болка, тагата и очајот што го следат раскинувањето. Според едно истражување од 2006 година, објавено во списанието „Philosophical Transactions of the Royal Society B“, кај оние лица кои се претерано вознемирени од раскинувањето има тенденција да се јавува мозочна активност што е иста како и кај хроничната депресија и тага.

Сепак, Никол Бизаро и Лери Левандовски, авторите на неодамнешната студија веруваат дека е можен позитивен исход од раскинувањето, што се огледа во созревањето како личност и „пронаоѓањето на самите себеси“, како и преку механизмите со кои тоа се постигнува.

Во истражувањето учествувале вкупно 155 студенти, кои доживеале раскинување на врската во последните шест месеци.

Наодите покажале дека на 71% од 155-те млади луѓе им биле потребни три месеци или попрецизно 11 недели за да можат да ги согледаат позитивните аспекти од раскинувањето. Ова е точката кога учесниците почувствувале дека созреале како личности и почнале да се ориентираат кон своите цели.

Иако се покажало дека ова е магичната бројка, сепак важно е да се напомене дека повеќето ситуации се уникатни со оглед на тоа дека постојат различни околности кои доведуваат до распаѓање на врската.

За споредба, едно истражување направено од „Fifties.com“, веб страница наменета за наоѓање на партнер открива дека на разведените им е потребно подолго време да го преболат разводот. Наодите покажале дека се потребни 18 месеци или поточно 17 месеци и 26 дена за бившите сопружници да почувствуваат дека се спремни да продолжат понатаму, откако ќе ги потпишат документите за развод.

Од 4.000-те разведени лица, 43% почувствувале олеснување од завршувањето на бракоразводната парница, додека 31% биле тажни поради завршувањето. Шест од десет разведени изјавиле дека најтешко им било да се справат со чувството на неуспех, додека еден од пет разведени изјавил дека потешко го поднеле чувството на загуба, отколку последиците од разводот.

Поддржете ја нашата работа: