Марс ќе добие прстен како Сатурн

Фобос, најголемата месечина на Марс, полека се доближува до планетата, но пред да се судри во неа, најверојатно ќе биде распарчена, а парчињата ќе се расфрлаат околу планетата и ќе формираат прстен, исто како оние околу Сатурн, Јупитер, Уран и Нептун.

Според научниците од Универзитетот во Калифорнија, Беркли, тоа најверојатно ќе се случи за 20 до 40 милиони години и ќе се формира прстен кој ќе опстојува од 1 до 100 милиони години.

Ако месечината се распарчи околу 680 километри над површината на Марс, ќе се формира многу тесен прстен кој според густината ќе биде сличен на најголемиот прстен на Сатурн. Со текот на времето ќе се шири и ќе го достигне врвот на атмосферата на Марс за неколку милиони години, кога дел од материите ќе почнат да паѓаат на планетата слично како метеорски дожд. Ако месечината се распарчи подалеку од Марс, прстенот ќе може да опстои дури 100 милиони години, пред да почне да паѓа на планетата.

Распарчувањето веројатно ќе се случи поради тоа што Фобос има многу фрактури и пори во својата структура, па нема да може да се спротистави на плимните сили кои ќе ја распарчат како што ќе се доближува до Марс. Карпите со различна големина, како и прашината, кои ќе останат како резултат од распарчувањето, ќе продолжат да орбитираат околу Марс и брзо ќе се распоредат околу планетата во форма на прстен. Така, ќе остане само другата месечина на Марс, Дејмос.

„Додека нашата месечина се оддалечува од Земјата за неколку сантиметри годишно, Фобос се приближува до Марс за неколку сантиметри годишно, па речиси е неизбежно да се судри со Марс или да се распадне“ објаснуваат научниците. Тие сакале да развијат идеи за тоа што би можело да се случи со една месечина што се доближува до својата планета. Само уште една месечина во нашиот сончев систем се доближува до својата планета, а тоа е Тритон, најголемата месечина на Нептун.

Проучувањето на ваквите месечини е важно за проучување на условите во раниот сончев систем кога најверојатно постоеле многу месечини кои се распаднале во прстени. Впрочем, научниците сметаат дека така настанале прстените на планетите.

Истражувањето е објавено во „Nature Geoscience“.

Поддржете ја нашата работа: