Марс се опоравува од ледено доба

Марс има многу сличности со Земјата – вулкани, кањони, кратери, и што е најважно вода. Сега, истражувачите додадоа уште една сличност на листата – ледено доба.

Научниците, со помош на компјутерски модели, и претходно предвидувале дека на Црвената Планета во минатото имало ледени доби, но немале вистински мерења за да го докажат тоа. Сега, благодарение на податоците од орбитерот „MRO“ на НАСА, научниците имаат физички докази дека Марс туку што излегува од ледено доба што завршила пред околу 400 илјади години.

Со помош на орбитерот, научниците можат да ја набљудуваат ледената покривка на планетата и додека ги анализирале сликите забележале линија во мразот што укажува на граница. Над границата имало слој на понов мраз кој бил целосно формиран што значи дека се акумулирал побрзо во споредба со другите слоеви под границата.

„Горниот слој долг неколку стотици метри покажува карактеристики кои укажуваат на период на ерозија, проследен со период на брзо акумулирање што се’ уште трае“, вели астрономот Исак Смит од Институтот за планетарни науки во Тусон, Аризона.

За да разбереме што значи ова, треба да разбереме како се случуваат ледените доби на Марс. Тие се јавуваат откако Марс ќе почне да се наклонува, предизвикувајќи половите да се затоплат бидејќи добиваат повеќе сончева светлина. Ова предизвикува водената пареа од половите да патува кон екваторот, формирајќи глечери и ледени формации. Потоа кога Марс ќе се врати назад, половите брзо замрзнуваат, а мразот во близина на екваторот се топи.

mars_ice_ageСо оглед на тоа што половите се топат брзо на почетокот на леденото доба, а потоа исто толку брзо повторно се замрзнуваат, се создава слој на понов мраз, и токму тоа го откриле истражувачите во своите најнови скенови.

Според податоците на научниците, мразот се’ уште расте и тоа најверојатно значи дека Марс се’ уште се опоравува од леденото доба што се случило пред околу 400 илјади години.

Овие податоци може да помогнат за подобро да ја разбереме климата на Марс, што е од особено значење со оглед на плановите за колонизирање на Марс.

Истражувањето е објавено во „Science“.

Поддржете ја нашата работа: