Менопауза кај китовите

Женките на китовите –убијци  раѓаат помеѓу својата 12 и 40 година, но можат да живеат и повеќе од 90 години. За разлика од нив, мажјаците ретко доживуваат над 50 години.

Новото истражување, објавено во списанието „Current Biology“, покажува зошто, еволуциски земено, овие женки – китови живеат толку неверојатно долго. За да се рзбере зошто менопаузата е толкава мистерија, важно е да се присетиме дека главната цел на еволуцијата е репродукцијата и опстанокот. Карактеристиките што им овозможуваат на единките да пренесат повеќе од своите гени на следните генерации се во преден план. Тогаш прашањето е, како да се објасни фактот што женките китови-убијци живеат со децении откако ќе ја изгубат способноста директно да ги пренесуваат своите гени – велат истражувачите.

Постарите членови служат како главни водачи, насочувајќи ги помладите членови на заедницата, а особено своите синови, кон местата богати со лосос со кој се хранат. На тој начин постарите членови му помагаат на својот род да преживее. Ова водство е особено важно во годините кога лососот е тешко да се најде.

Истражувачите велат дека ова откритие покажува дека продолжениот живот после репродуктивниот период е поради тоа што единките во пост-репродуктивниот период служат како „складиште“ за еколошкото знаење.

Истражувачите од Уиверзитетот во Ексетер, Универзитетот Јорк и Центарот за истражување на китовите, во своето истражување покажуваат дека менопаузата еволуирала кај китовите бидејќи овие женки помагат да се осигура опстанокот и успешната репродукцијата на младите членови од нивниот род. Тоа го постигнуваат со тоа што ја споделуваат својата мудрост стекната со годините, за тоа како и каде да се најде храна.

До овие заклучоци истражувачите дошле врз основа на податоците собрани во Центарот за истражување на китови, во последните 35 години. Исто така, тие надгледувале и 102 единки слободни китови. Податоците содржеле како датум на раѓање и смрт, како и генетските и други релации помеѓу китовите. Кога на ова ги додале и податоците за количеството на лосос, состојбата била уште поинтересна. Во годините кога количините на лосос биле многу мали, женките китови во пост-продуктивниот период, биле посебно изразени како водачи на групите.

Овие наоди за китовите укажуваат  дека потеклото на менопаузата кај луѓето, може да има слично објаснување – велат истражувачите.

„Кај луѓето се смета дека менопаузата е едноставно артефакт на современата медицина и подобрените животни услови. Сепак, се повеќе докази укажуваат дека менопаузата кај луѓето е адаптивна. Во заедниците каде се ловело, еден од начините жените во менопауза да им помогнат на своите роднини, а со тоа и да го зголемат пренесувањето на своите гени, било преку делење  на храната. Жените во менопауза, исто така, може да споделувале и уште нешто од  исклучителна важност – информации. Особено пред информатичката ера или дури и пред пишаниот збор, можете ли да замислите колку скапоцени мора да биле тие мудри жени?“ – велат истражувачите.  

Поддржете ја нашата работа: