Мини-мозок од лабораторија

Истражувачите од САД развиле мали, делумно функционални „мини-мозоци“ во лабораторија, кои се израснати од човечки клетки. Овие мали реплики ќе им овозможат на научниците подобар начин за тестирање на лековите и во исто време ќе спасат безброј животни од екпериментални тестирања.

Официјалните бројки покажуваат дека само во САД годишно се користат 800.000 животни за експериментални цели и тоа без животните кои се користат за земјоделски тестирања, ниту околу 100 милиони глувци и стаорци кои се користат за експерименти, годишно. Доколку овие мини-мозоци – кои се очекува да влезат во производство во 2016 година, заменат само мал дел од оваа бројка, тоа ќе значи спас за голем број животни, а во исто време на научниците ќе им обезбеди многу подобри резултати.

„Деведесет и пет проценти од лековите кои изгледаат ветувачки кога се тестираат на животински модели, не успеваат кога се тестираат на луѓе, што претставува огромен трошок и во време и во пари. Иако глодарите како модели се многу корисни, сепак ние не сме стаорци од 70 килограми. Не сме ни топка од клетки, но од овие топки од клетки често може да се добијат многу подобри информации отколку од стаорците“- вели токсикологот Томас Хартунг од Универзитетот Џон Хопкинс.

Истражувачите од Универзитетот Џон Хопкинс ги создале овие мини-мозоци користејќи индуцирани плурипотентни матични клетки – зрели клетки генетски репрограмирани во состојба слична на ембрионална матична клетка, кои потоа се стимулирани да се развијат во мозочни клетки.

Оригиналните клетки биле земени од здрав возрасен човек, но истражувачите велат дека истиот пристап може да се користи и со клетки од луѓе со одредени генетски карактеристики или заболувања, за цели на специфични фармацевтски истражувања.

Клетките лесно може да растат во лабораторија и во еден петриев сад може да собере 100 мини-мозоци. Тие растат приближно до 350 микрометри во дијаметар –што е отприлика колку окото на домашна мува, а после два месеци развиваат четири видови на неврони и потпорни клетки.

Истражувачите велат дека овие клетки би им помогнале на научниците да проучуваат голем број разни заболувања, меѓу кои Алцхајмерова и Паркинсонова болест, мултипла склероза, аутизам, вирусни инфекции, трауми и мозочен удар.

Иако оваа идеја сама по себе е прилично неверојатна, ова не е прв пат да видиме ваков концепт. Минатата година научниците од Универзитетот Браун прикажаа многу сличен модел на мини-мозок.

Но, истражувачите од Џон Хопкинс велат дека нивната техника – која сега е во процедура да биде патентирана, несомнено ќе влезе во комерцијално производство, што ќе придонесе брзо да се најде на научниот пазар.

„Нашиот модел не прв модел на мозок, нити тврдиме дека е најдобар, но е најстандардизиран“ – вели Хартунг. „А кога се тестираат лекови, императив е клетките кои се испитуваат да бидат што е можно послични, за да се добијат најпрецизни резултати“.

Наодите се презентирани минатата недела на Годишното собрание на Американската асоцијација за унапреднување на науката.

Поддржете ја нашата работа: