Мистериозно ширење на вирусот Зика во Јута

Здравствените власти во САД се збунети од еден пациент од државата Јута, кој се чини дека се заразил со вирусот Зика на начин што е досега непознат.

Зика вирусот обично се пренесува преку убод од комарец („Aedes aegypti“) или преку сексуален контакт, но во овој случај ниеден од овие начини не е вклучен.

Пациентот за кој здравствените власти велат дека е осмиот жител од државата Јута кој е заразен со Зика, веќе закрепнал од болеста.

Пациентот не патувал во ниедна од областите каде вообичаено има Зика, нити имал сексуален однос со некој што е заразен или патувал во области каде има Зика. Покрај тоа, нема докази дека комарецот „Aedes aegypti“ го има во Јута, така што мала е веројатноста пациентот да бил заразен локално, преку убод од комарец.

Па, како тогаш се заразил овој пациент?

Најверојатното објаснување е дека тој имал близок контакт со некој кој бил заразен со вирусот – бил негувател на стар човек од Јута, кој се заразил со Зика на патување во странство. Овој човек починал во јуни, иако сѐ уште е нејасно дали Зика вирусот придонел за неговата смрт.

Сепак, останува прашањето како негувателот се заразил со Зика од старецот, кога немал сексуален контакт со него, за кој научниците сметаат дека е единствениот начин преку кој инфекцијата може директно да се пренесе од човек на човек, доколку нема убод од комарец.

how-does-zika-spread-utah-infection-raises-questions-071816Претставниците од Центарот за контрола и превенција на болестите во изјавата за печатот нагласуваат дека нема докази дека Зика се пренесува од човек на човек преку кивање, бакнување или преку користење на заеднички прибор, ниту преку обичен допир или гушкање.

Иако Зика претходно беше детектирана во крвта, спермата, вагиналниот секрет, урината и плунката, а експертите сметаа дека е потребен сексуален контакт за да се пренесе инфекцијата, овој случај во Јута отвора можност дека во ретки околности Зика може да се пренесе преку овие течности и без сексуален контакт.

Ова покренува неколку интересни прашања – дали имало убод од игла или повреда, или ако немало, тогаш можен контакт со други телесни течности, како урина или плунка? – велат експертите.

Уште почудно во целиот случај е необично високото ниво на вирусот кај починатиот пациент кое било за 100.000 пати повисоко од нивото што се забележува во примероците од други инфицирани лица, иако не е јасно како ова може да влијае на пренесувањето на инфекцијата.

Меѓутоа, и ако се покаже дека пренесувањето на Зика без сексуален контакт претставува нов начин на ширење на болеста, здравствените власти со сигурност нагласуваат дека ризикот од инфицирање со Зика на овој начин е исклучително мал, бидејќи ова е единствениот документиран случај досега.

Поддржете ја нашата работа: