Може ли среќата да се купи со пари?

СПОДЕЛИ

Една стара поговорка вели дека среќата со пари не се купува, но според едно ново истражување, парите можат да ви донесат поголемо задоволство во животот и среќа, ако ги потрошите на вистински работи.

Имено, истражувањето спроведено од Универзитетот во Британска Колумбија покажува дека доколку луѓето потрошат пари за „купување“ на повеќе слободно време, со тоа што ќе  платат луѓе да им ги завршат домашните работи кои им предизвикуваат стрес, наместо на материјални работи, тие се чувствуваат посреќни и генерално позадоволни од животот.

До овој заклучок истражувачите дошле после едно тестирање во кое учествувале вкупно 6.000 возрасни лица, меѓу кои и 800 милионери од САД, Холандија, Данска и Канада. Тие биле запрашани колку се задовлни од животот  и дали трошат пари за „купување“ на слободно време (како на пример да им платат на други луѓе да им ги завршат домашните работи, како чистење, готвење и сл.)

Се покажало дека 28 проценти од луѓето  трошат одредена сума пари за да „купат“ слободно време. Тие луѓе биле многу позадоволни со нивните животи од останатите.

Покрај тоа, истражувачите направиле уште еден експеримент и на 60 Канаѓани им дале по 40 долари кои требало да ги потрошат за време на два последователни викенди. Во едниот викенд парите требало да ги потрошат за купувањена време, додека во другиот викенд за купување на материјални работи. И овој експеримен покажал дека луѓето биле позадоволн и посреќни кога парите ги потрошиле за плаќање на некоја услуга или работа што ќе им овозможи повеќе слободно време, отколку кога парите ги потрошиле за купување на материјални работи.

„Ако има некоја работа што ви предизвикува стрес дури и кога помислувате на неа, вреди да размислите дали може да си дозволите да платите некој да го заврши тоа за вас“вели Елизабет Дан, професор по психологија и една од  авторите на студијата.

 

Дискусија

Коментари