Можеме ли да ги заштитиме децата од медиумите?

Телевизијата може да биде забавна, да се користи како едукатор, да ја потикне просоцијалноста кај децата, да промовира позитивни модели на однесување, да ја поттикне фантазијата. Меѓутоа, од друга страна, постојат безброј истражувања во спротивна насока. Пример,  експериментот спроведен во 1969 г. од страна на Херберт Кругман, вели дека левата хемисфера, која ги процесира информациите логички и аналитички, се исклучува речиси тотално додека гледаме телевизија.

Денес, децата на возраст од 2-5 години, во просек поминуваат по 32 часа неделно пред телевизор, и најчесто (97%) гледаат програма која се емитува во живо. 71% од децата на возраст од 8-18 години имаат телевизор во спалните соби. Технологијата овозможува да гледаат телевизиски програми на мобилни, таблети и слични гаџети, така што дури и да му го одземете телевизорот на вашето дете, сепак ќе има пристап до програмата.

Интернетот дополнително ја отежнува задачата на родителот. На интернет има буквално се, без цензура, 72% од децата до 6 годишна возраст знаат да ракуваат со комјутер и поминуваат просечно 1 час дневно пред комјпутер

Дури и на детска страница може да се појави неадекватна слика или информација. На пример, детето може да го види омилениот лик од шоуто пијан, со цигара, дрогиран и да заклучи дека таквото однесување е во ред. Последниов период, на почетокот на речиси секое видео на „youtube“ има реклама со рандом содржина за која не сме прашани дали сакаме да ја видиме и може да се ислучи после 5 секунди. За волја на вистината, рекламите се според таргет групи, но сепак останува моментот дека немаме право на избор.

Комјутерските игрици се со изразено агресивна и компетитивна содржина. „Counter strike“, „Dota“, „League of legends“ итн. Буквално, треба да ги убиеш противниците и да победиш. Дали е тоа пораката која сакаме да ја испратиме до децата?

Медиумите преземаат одредени заштитни мерки, кои се многу лесни за „пробивање”. Останува прашањето, како да ги заштитиме децата и да воспоставиме контрола над информациите кои ги восприемаат?

Насоки за контрола на телевизиските програми

Во моментов, единствениот метод за заштита на децата која ја има на нашите медиуми е дозволената возрасна граница.

  • Забранете гледање телевизија за време на фамилијарни дружења и за време на оброците
  • Користете забрана на одредени програми 
  • Поттикнете рекреативни активности и дружете се со Вашето дете
  • Не ја користете телевизијата како начин за наградување или казнување, тоа ја зголемува вредноста во очите на детето.
  • Доколку одредена програма сметате дека не треба да се емитува, поднесете жалба или петиција до медиумот.
  • Не го користете телевизорот како бебиситерка.
  • Објаснете му ја на вашето дете разликата помеѓу реалниот и животот на телевизија („Gossip girl“ е на врвот на листата на тв шоуа со штетно влијание врз тинејџерите)

Насоки за контрола на интернетот

  • Набљудувајте ги интернет активностите на Вашето дете
  • Обезбедете ги пребарувачите (safe search engine)
  • Прелистајте ги страниците за кои Вашето дете покажува интерес и посетувајте ги заедно
  • Користете „parent lock“, систем кој овозможува увид во сајтовите кои вашето дете ги посетува и забрана на оние кои сметате дека се неадекватни. Еден таков софтвер е „ОnlineFamily.Norton“.
  • Научете го детето да го користи интернетот само за одредена цел.

Законска регулатива во Р.Македонија

Законски се гарантира слободата на изразување на медиумите, освен во случај  заради заштита на националната безбедност, територијалниот интегритет или јавниот ред и мир, спречување немири и казниви дела, заштита на здравјето или моралот, заштита на угледот или на правата на другите, спречување за откривање на доверливи информации или заради зачувување на авторитетот и независноста на судската власт.

За програмата на одреден медиум одлучуваат вработените во истиот. Никој нема право со присила или злоупотреба на положбата да влијае на програмската содржина на медиумите, ниту на било кој друг начин незаконски да ја ограничува слободата на медиумите.

Демократијата често има две страни, така што најдобрата заштита е да инвестирате во образованието и воспитувањето  на детето со цел самото да равие способност да ги селектира информациите кои секојдневно директно или индиректно пристигнуваат до него.

Поддржете ја нашата работа: