Начинот на дишење влијае и на тоа како размислуваме и чувствуваме

Според едно ново истражување, дишењето не само што служи да ги исполни белите дробови со воздух и да не одржува во живот, туку може да влијае и на начинот на кој размислуваме и чувствуваме.

Истражувачите откриле дека ритамот на дишењето создава електрични активности во човечкиот мозок, а ефектот се разликува во зависност од тоа дали дишиме на нос или на уста и дали вдишуваме или издишуваме.

За да ја откријат оваа врска помеѓу мозочната активност и начинот на дишење, научниците од Универзитетот Нортвестерн, направиле анализа на електроенцефалографите (ЕЕГ) од седум пациенти со епилепсија.

На овие пациенти претходно им биле поставени импланти во мозокот, со цел да се открие жариштето на нивните напади, но наодите исто така покажале дека нивната мозочна активност флуктуира синхроно со нивното дишење.

Ваква активност била забележена во три области од мозокот: во пириформниот (олфакторен) кортекс, кој е одговорен за чувството за мирис, во хипокампусот, кој ја контролира меморијата и амигдалата која е поврзана со емоциите.

„Еден од главните наоди од истражувањето е дека постои динамичка разлика на мозочната активност во амигдалата и хипокампусот за време на вдишувањето, во споредба со издишувањето. При вдишувањето се стимулираат невроните во мирисниот кортекс, амигдалата и хипокампусот, сите во лимбичниот систем“- вели неврологот Кристна Зелано.

Истражувачите откриле дека оваа стимулација се случува само за време на вдишувањето и кога пациентите дишеле на нос, а не на уста.

Во продолжение, истражувачите направиле бихевиорален експеримент на 70 здрави учесници, на возраст помеѓу 18 и 30 години.

Учесниците требало да кажат дали на сликите кои им биле прикажани само една секунда, лицата имале израз на страв или изненадување.

Целта била да се добие подобар увид како на амигдалата – која е вклучена во интерпретацијата на фацијалната експресија, влијае вдишувањето или издишувањето, преку нос или преку уста.

Резултатите покажале дека кога учесниците вдишувале, за дел од секунда побрзо ги распознавале лицата со израз на страв, но само кога вдишувале на нос. Ваква предност немало во распознавањето на лицата со израз на изненадување.

aid67447-728px-breathe-like-a-yoga-master-step-3-version-4

Треба да се нагласи дека истражувачите овде откриле постоење на взаемна поврзаност и без дополнителни докази и тестирање на поголема група на испитаници, не е сосема јасно за што точно се работи.

Но, научниците сугерираат дека нашите когнитивни функции можат да се зголемат преку вдишувањето кога ќе се најдеме во опасни ситуации – кога е потребно да реагираме многу поефикасно или побрзо и нашето дишење се природно се забрзува.

Претходните истражувања покажале дека возрасно лице прави помеѓу 12 и 18 вдишувања во минута, но  тоа може да се зголеми на околу 20 вдишувања ако се наоѓа во паника.

„Ако сте во состојба на паника вашиот ритам на дишење се забрзува. Како резултат на тоа ќе поминете повеќе време во вдишување, отколку кога сте смирени. Оттука, забрзаното дишење, како природен одговор на нашето тело при состојба на страв, има позитивно влијание врз мозочните функции и резултира со побрза реакција на опасните стимуланси од околината“- Вели Зелано.

Истражувањето е објавено во „The Journal of Neuroscience“, а повеќе може да погледнете во видеото подолу.

Поддржете ја нашата работа: