Најголемиот жив примат во светот на работ на исчезнување

Источно-конгоанската горила е најголемиот жив примат во светот. Бројот на овие горили е на критично ниско ниво и тие се наоѓаат на чекор пред исчезнување.

Според извештајот на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN), се проценува дека во светот постојат помалку од 5.000 од овие горили. Како главна причина се наведува незаконскиот лов на овие горили. На новата листа на загрозени видови, статусот на овие горили е променет од „загрозен“, во „критично загрозен“.

Според „IUCN“, во последните две децении бројот на овие горили опаднал за 70 проценти, а со сегашната политичка нестабилност во областите што се нивни живеалишта, ќе биде тешко да се спречи овој пад.

Состојбата е лоша за мајмуните во целост, бидејќи четири од шесте големи видови мајмуни – источната горила, западната горила, орангутанот од Борнео и суматранскиот орангутан, се наоѓаат на листата на критично загрозени. Тоа значи дека сите овие видови се соочуваат со огромен ризик од истребување во најблиска иднина.

Источните горили се поделени во два подвида: источната низинска горила (Грауер горила) и планинската горила. Се верува дека денеска живеат околу 880 планински горили.

0,,19270623_303,00Повеќето од источните горили се наоѓаат во Демократска Република Конго, но неодамнешната граѓанска војна, корупцијата на власта и политичката несигурност се одразија на состојбата во земјата, како и на горилите што живеат таму.

Експертите се надеваат дека доколку се врати стабилноста и ако екотуризмот порасне – како што е тоа случај во Руанда и Уганда, тоа би можело да помогне да се одржи бројот на горилата стабилен, пишува „CBS News“.

Иако изгледите не се најдобри, надежите се поткрепени од неодамнешните успеси во заштитата на големата панда, кога „IUCN“, го намали статусот на пандата од „загрозена“ во „ранлива“, што претставува чекор во вистинска насока.

Бројот на големите панди се зголемил за 17 проценти во последните 10 години, а две третини од популацијата денеска живеат во високо заштитени резервати во Кина. Експертите сметаат дека сега во светот живеат околу 2000 големи панди.

Заштитата ја отежнуваат и декструктивните ефекти од климатските промени и ќе бидат потребни дополнителни напори за да се спасат загрозените видови, но тоа дефинитивно е возможно, вели директорот на „IUCN“ Ингер Андерсен.

Поддржете ја нашата работа: