Најмалата диода направена од ДНК

Тим на истражувачи од Колеџот за инженерство и нанонаука при Универзитетот во Џорџија, САД, и Универзитетот Бен-Гурион во Израел, направиле диода што е толку мала што дури не може да се види со обичен микроскоп. Диодата е направена од една единствена молекула од ДНК.

Диоди се електронски компоненти што овозможуваат проток на електрична енергија во еден правец, но не и во спротивниот правец. Со други зборови, диодите се одговорни за движење на струјата во електрониката и во денешните модерни силиконски чипови ги има во милиони. Но, за да се зголеми моќта на процесирање во чиповите, диодите треба да се многу помали.

Кога се работи за создавање на помали диоди, истражувачите долго време се фокусирани на користење на единечни молекули, бидејќи тие претставуваат најмалите стабилни структури.

Водејќи се од ова, истражувачите сфатиле дека молекулата на ДНК би била идеален кандидат, со оглед на тоа дека има предвидлива структура, дека е разновидна, а притоа и високо програмабилна.

Молекулата што тие ја создале содржи само 11 базни парови, што е исклучително мала нишка со оглед на тоа дека секоја клетка во нашето тело има отприлика 3 милијарди базни парови. За да се овозможи проток на електрична енергија низ таа ДНК, истражувачите додале молекула наречена „коралин“ и целата структура ја поврзале со електрично коло со должина од само неколку нанометри.

Она што го добиле било прилично добра диода, бидејќи протокот на струјата бил 15 пати поголем за негативните напони, отколку за позитивните.

Сепак, иако изгледа импресивно, оваа диода не е толку ефикасна како другите диоди кои се направени од единечни молекули.

Но, таа е многу помала од сите други што постојат, што значи дека може да се постават многу поголем број од нив во еден чип и потенцијално да се создадат помали и помоќни уреди.

Истражувањето е објавено во „Nature Chemistry“.

Поддржете ја нашата работа: