Научник на денот: Абрахам Маслов

Абрахам Маслов е американски психолог и еден од основачите на современата психологија. Неговото име најчесто се поврзува со хиерархијата на човековите потреби.

Маслов е прво родено дете од вкупно седум деца во семејство на емигранти од Русија. Тој го опишува раното детство како несреќно и осамено. Голем дел од времето поминувал во библиотека, задлабочен во книгите.

Првично, студирал право на Сити колеџот во Њујорк (CCNY). Подоцна се префрла на Универзитетот во Висконсин, каде што покажува интерес за психологијата, под менторство на психологот Хари Харлоу. Маслов се здобива со 3 титули по психологија на Универзитетот во Висконсин: дипломирал во 1930 година, магистрирал во 1931 година, докторирал во 1934 година.

Кариера

Абрахам Маслов предавал на Колеџот Бруклин од 1937 до 1951 година. Во тоа време, тој бил во голема мера под влијание на гешталт психологот Макс Верхајмер и антропологот Рут Бенедикт. Маслов верувал дека тие биле исклучителни луѓе и започнал да го анализира и запишува нивното однесување. Оваа анализа служи како основа за неговите теории и истражувања на човечкиот потенцијал.

Во текот на 1950 година, Маслов станува еден од основачите и движечка сила зад школата позната како хуманистичка психологија. Неговите теории, вклучувајќи ја и хиерархијата на потребите, мотивацијата, само-актуелизација и врвот на потенцијалите, стануваат основа во хуманистичкото движење.

Можеби најпозната е неговата хиреархија на човекови потреби, која ја претставува како пирамида.

Основата на пирамидата ја сочинуваат основните потреби за преживување. Откако ќе се задоволат овие потреби, човекот се стреми да ги реализира потребите од второто ниво: потребата за безбедност и сигурност. Потребата се актуелизира само тогаш кога не е задоволена. Со задоволување на потребите, тие не исчезнуваат туку не мотивираат да се искачиме скалило погоре. Третото ниво го сочинуваат потребите за припаѓање и љубов: потреба за пријател, дечко, девојка, потреба за деца односно за блиска емоционална врска (однос). Незадоволувањето на оваа потреба води кон осаменост и социјална анксиозност. Потоа следи потребата за почит. Маслов наведува две верзии на потребата за почит: ниска и висока. Негативна верзија на оваа потреба е комплексот на инфериорност и ниска самодоверба. На врвот од пирамидата се наоѓа потребата за самоостварување.


Придонеси за психологијата

Во време кога повеќето психолози биле фокусирани на аспекти од човечката природа што се сметаат за абнормални, Маслов го префрла фокусот на позитивните страни на менталното здравје. Неговиот интерес за човечкиот потенцијал и подобрување на менталното здравје, личниот раст и развој, имаат долготрајно влијание врз психологијата. Иако неговите теории не уживаат голема популарност меѓу академските психолози, денес наоѓаат своја примена во позитивната психологија.

Абрахам Маслов умира од срцев удар на 8 јуни, 1970 година во Калифорнија.

Цитати

„Ако имате само чекан, се’ ви личи на шајка“.

Доколку планирате да бидете помалку од она што можете да бидете, најверојатно ќе бидете несреќни до крајот на животот“

„Терапијата се дефинира како потрага по вредност“.

Поддржете ја нашата работа: