Научник на денот: д-р Петар Бојаџиевски

Роден 1939 г. во с. Кременица, Битолско. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје 1964 г. Во мај 1965 г. се вработил во Здравствената станица на с. Бистрица. Бил управник во истата здравствена установа до 1968 г., од каде бил преместен во Третареонска здравствена станица во Битола. Во 1974 г. во Скопје специјализирал офталмологија. Како специјалист офталмолог работел на очното одделение во Битола сe до неговото пензионирање во 2003 г. Во текот на 1978/79 г, шест месеци бил на стручно усовршување во Лион и Париз.

Таму се стекнал со дипломата асистент на Универзитетот „Клод Бернард“ во Лион и станал редовен член на Друштвото на офталмолози на Франција.

Во 1984 г. се здобил со звањето примариус, а во 1989 г. на Медицинскиот факултет во Нови Сад ја одбранил докторската дисертација на тема „Здравството и здравствената култура на Битола низ вековите“ и станал доктор на медицинските науки. Во 1991 г. бил назначен за здравствен советник во Медицинскиот центар – Битола.
Д-р П. Бојаџиевски е член на МНД во Битола од 1976 г. Тој бил иницијатор и организатор на Научниот собир „Битолски медицински денови“, кој од 1985 г. се одржувал секоја втора година. Член е на друштвото на офталмолози на РМ. 

Од областа на офталмологијата и историјата на медицината има објавено повеќе од 80 стручни и научни трудови, со кои учествувал на повеќе конгреси и симпозиуми во земјата и странство. Во 1991-1994 г. бил раководител на научниот проект „Токсоплазмата кај луѓето во Пелагонија“.

Објавувал повеќе општествено-политички функции, меѓу кои се истакнуваат следните: во 1990/91 г. директор на Медицинскиот центар – Битола, во 1992-1994 член на Советот за здравство при Министерството за здравство на РМ; 1993-1995 г. избиран за потпретседател на Македонската асоцијација за историја на медицината (МАИМ).

Автор е на книгите „Здравството во Битола низ вековите“(2000) и „Здравствено-социјалната политика на странските пропаганди во Битола“ (2003), коавтор е на книгата „Одбрани поглавја од офталмологијата“ (1996) и уредник на монографијата „100 години офталмолошка дејност во Битола 1900-2000“ (2000), кои се резултат на неговата самостојна повеќе годишна истражувачка работа. Добитник е на бројни признанија, благодарници и дипломи. Во 1993 г. ја добил наградата „4-ти Ноември“на градот Битола, а во 2003 г. највисокото признание на Здружението на лекарите на Македонија „Повелба д-р Трифун Пановски“.

Поддржете ја нашата работа: