Научник на денот: Хенри Кевендиш

Хенри Кевендиш (10 октомври 1731 – 24 февруари 1810) бил англиски природен филозоф, научник и значаен експериментален и теориски хемичар и физичар.

Кевендиш е значаен поради откривањето на водородот или како што тој го нарекувал „запалив воздух”. Тој ја опишал густината на запаливиот воздух, кој формирал вода при горење.

Кевендиш е карактеристичен по исклучителната прецизност во своите истражувања за композицијата на атмосферскиот воздух, составот на различните гасови, синтезата на водата, законот за електрична актракција и одбивање, механичката теорија на топлината, и калкулациите на густината (истовремено и масата) на Земјата. Неговиот експеримент за мерење на густината на Земјата е познат како Кевендишов Експеримент. Тој бил срамежлив и повлечен човек, па светот се запознал со сите овие наоди, години по неговата смрт.

Сепак, рака на срце, најголемиот дел од заслугата за успешното мерење на масата на Земјата, Кевендиш му ја должи на Џон Мичел. Имено, Мичел ја измислил и ја конструирал сложената направа со која требало да биде изврешено мерењeто, но за жал, тој немал среќа да го доживее тоа, бидејќи починал во меѓувреме.

Имено, Кевендиш случајно налетал на сандакот во кој била спакувана сложената машина, а на сандакот стоело запишано името на научникот Џон Мичел. Бидејќи многу го почитувал, Квендиш решил да го отвори сандакот во кој ја нашол чудната направа, за потоа да сфати за што се работи и да го изврши мерењето. Машината се состоела од тегови, противтегови, нишала, вратила и извртени жици, а во средиштето имало две оловни топки, секоја тешка по околу 150 кг, кои виселе покрај две помали топки. Целата идеја била да се измери гравитацискиот отклон на помалите топки со помош на поголемите.

При мерењето многу важна била чувствителноста. Во просторијата каде што се наоѓала машината не смеел да се почуствува ниту здив, па затоа Кевендиш се сместил во соседната просторија, а своето набљудување го извршил со телескоп. Бидејќи била потребна неверојатна прецизност од 17 чувствителни, меѓусебно поврзани мерења, била потребна речиси цела година за да се извршат сите пресметки. На крајот Кевендиш го објавил резултатот – 5,9 милијарди милијарди тони, што претставува само 1% грешка од денешните најсовремени мерења (5,97×1024 кг).

Поддржете ја нашата работа: