Единствените сознанија што ги имаме за неговото семејство се однесуваат на неговиот татко, Антон, кој бил шумарски инженер и кој, по сеќавањата на Незлобински, кај него ја развил љубовта кон природата и животните, која подоцна ќе прерасне во една пасионираност, која несомнено ќе биде пресудна при оформувањето на Музејот во Струга.
Во 1907 година, како воен стипендист, станал студент на Военомедицинската академија во руската престолнина Санкт Петербург. Бил вреден и трудољубив студент, за што сведочи и добиеното признание „Златен медал“ за истражувања и семинарска работа „Значењето на плочестите глисти“.
Истражувачката работа ја продолжил и подоцна, во текот на професионалната работа во Струга и на тоа поле остварува забележителни резултати. На академијата дипломирал во 1912 година и, бидејќи бил воен стипендист, останува во служба како воен лекар. Првата светска војна младиот Незлобински го затекла како лекар на руската Црноморска флота. Во ноември 1917 година почнала руската Октомвриска револуција во која Никола Незлобински останал на страната на приврзаниците на царот во редовите на белогардејската војска.
Завршувањето на Првата светска војна не донело мир во Русија, борбите меѓу советите и белогардејците продолжиле сѐ до 1921 година, кога биле поразени и принудени да ја напуштат Русија. Во групата емигранти белогардејци, која во 1921 година пристигнала во Кралството Југославија, се наоѓал и докторот Никола Незлобински со неговата сопруга Софија. Уважувајќи го образованието и стручноста на д-р Никола Незлобински, Министерството за народно здравје го распоредило на служба во Македонија, прво во Крива Паланка, а подоцна во Струга. На 28 август 1924 година Никола Незлобински, заедно со својата сопруга и соработниците, пристигнал во Струга. Тоа биле, исто така, руските емигранти Георги Рудњев, Андреј Лукин и неговата сопруга, Михаил Макаров и Борис за чиешто презиме немаме податоци, но во Струга бил познат како „баронот Борис“.
Д-р Никола Незлобински во Струга бил испратен со задача да работи на искоренување на маларијата, ендемска болест, која подолг период претставувала сериозен проблем во овој крај. За постојано место за живеење д-р Незлобински го избрал едниот од трите острови меѓу ракавите на реката Црн Дрим, при нејзиниот излез од градот Струга.
Никола Незлобински почнал со следење, систематско запознавање и проучување на здравствените и хигиенско-санитарни услови во Струшко и, врз основа на добиените сознанија, се покажало дека дури 50 проценти од населението во Струга и од околните полски села што се наоѓале во непосредна близина на Струшко Блато, боледувало од маларија. Маларијата била причина и за големата смртност кај децата, а особено кај доенчињата. Болеста предизвикувала немоќ на организмот кај возрасните, при што се губел имунитетот и многу често го напаѓале други болести, а најмногу туберкулозата.
Поради тоа д-р Никола Незлобински презел конкретни мерки, подготвил и формирал Антималаричен диспанзер, односно Маларична станица, како што ја нарекувале луѓето од овој крај. Потоа во рамките на диспанзерот, формирал и отворил стационар, односно болница, со што станал основоположник на првата здравствена институција во Струга и во Струшко.
За постигнатите резултати во искоренувањето на маларијата д-р Никола Незлобински во 1929 година бил одликуван со орденот „Свети Сава“ од четврти ред и истата година е прогласен за почесен граѓанин на Струга.
Роден и израснат во крај со големи природни убавини, д-р Никола Незлобиски бил одушевен од природата околу Струга, околните планини, сливовите на реките Црн Дрим и Радика со живописните клисури и планинските масиви, кои го фасцинирале овој голем љубител на природата, Охридско Езеро, кое му станало секојдневие и со својата флора и фауна му давало вдахновеност и го импресирало.
Иако приоритет на неговата работа во Струга било искоренување на маларијата, нејзините причинители и пренесувачи, за чијашто посветеност и студиозност говори и значајната студија за лентоидните паразити, која по препораките и позитивните рецензии била објавена во угледниот годишник „Глас српске краљевске академије“
Своите истражувања ги спроведувал околу градот и неговата поблиска околина, тогаш мочуриште познато и како Струшко Блато, каде што имал можност да ги согледа богатството и разновидноста на живиот свет настанат во него. Тоа ја разбудила неговата страст и пасионираност од младоста кон природата и животните и за кусо време создал мошне убава сопствена збирка од препарирани животни. Уште во 1926 година, во една од бараките во која живеел, д-р Никола Незлобински приредил изложба на која ги презентирал препарираните експонати. По тој настан збирката на д-р Никола Незлобински многу бргу се збогатувала со нови примероци.Така во краток временски период, бројот на експонати се зголемил и во 1928 година д-р Никола Незлобински, во една од бараките на болницата, збирката ја поставил како постојана музејска поставка и со тоа го втемелил Природонаучниот музеј во Струга и музејската дејност во Македонија.
Во воената 1942 година, на 17 мај, д-р Никола Антонович Незлобински ненадејно починал, најверојатно како последица на срцев удар.
Во знак на благодарност кон човекот што го создал, организирал и промовирал, Музејот во Струга го добива неговото име и се нарекува Народен музеј „Д-р Никола Незлобински“. Со текот на времето Музејот се развива и денес располага со три објекти во кои се сместени и работат следниве одделенија: природонаучно (зоолошко и ботаничко), историско, археолошко, етнолошко одделение и одделение за ликовна уметност со галеријата на Вангел Коџоман.