Научниците откриле како раните да зараснат без лузни

3862
СПОДЕЛИ

Независно како сме ги добиле, секој од нас има по некоја лузна на телото, од која би сакале да се ослободиме.

Иако за постоечките лузни не можеме многу да направиме, истражувачите откриле на кој начин свежите рани да зараснат како нормална регенерирана кожа, наместо да создаваат лузни.  

Лузните се разликуваат од нормалната кожа, затоа што ткивото на лузната воопшто не содржи масни клетки или фоликули од влакна.

Типот на кожата што се регенерира над мали површни исеченици е исполнет со масни клетки, наречени адипоцити, исто како и кожата со која сме родени, што значи дека тие со време ќе се изедначат, откако раната ќе зацели.

Но, ткивото од лузните речиси целосно е составено од клетки наречени миофибробласти и воопшто не содржи масни клетки, па затоа наместо да се изедначи со околната кожа, откако раната ќе зарасне, кожата изгледа сосема различно и тоа трајно.

Истото важи и со стареењето на кожата. Со стареењето адипоцитите се губат, што води до промена на бојата и длабоки, неповратни брчки.

Но, научниците откриле дека постоечките миофибробласти можат да се преобразат во адипоцити, што сугерира дека во текот на зараснувањето на раната, ткивото со лузни би можело да се преобрази во регенерирана кожа – нешто што научниците сметаа дека дека е можно само кај рибите и водоземците, но не и кај цицачите.

„Овие наоди покажуваат дека постои можност да се интервенира и раните да се регенерираат, наместо да се создава лузна“- вели Максим Пликус, член на истражувачкиот тим од Универзитетот во Калифорнија, Ирвин.

Претходните истражувања од истиот тим покажале дека масните клетки и фоликулите на влакната се развиваат одделно во кожата што се регенерира, но не независно, а фоликулите на влакната секогаш се развиваат први.

Претпоставувајќи дека фоликулите на влакната всушност го помагаат растот на масните клетки во регенерираната кожа, за да видат што ќе се случи, научниците внеле фоликули од влакна да растат во свежо формирана лузна кај глувци и на примероци од човечка кожа развиени во лабораторија.

Вакво нешто природно не може да се случи, со оглед на тоа дека во ткивото од лузните нема фоликули од влакна.

Откриле дека фоликулите од влакната, штом ќе почнат да се формираат, почнуваат да ослободуваат сигнален протеин, наречен коскен морфогенетски протеин, и ова всушност ги преобразува миофибробластите од лузната во адипоцити.

Ако фоликулите од влакната се поттикнат да растат таму каде што раната заздравува, кожата што при тоа се создава не се разликува од кожата пред повредата.

scar-hair

Мора да се нагласи дека овој експеримент во оваа фаза претставува само доказ на концептот – покажува дека функционира кај глувци и на примероци од човечка кожа, но сосема различна работа е да се постигне раст на фоликули од влакна во рана што се наоѓа на жив човек.

Сепак и ова е голема работа, бидејќи сѐ досега научниците сметаа дека преобразувањето на миофибробласти во адипоцити е биолошки невозможно кај цицачите.

Доколку истражувачите успеат да ги добијат овие резултати и во тестирањата на луѓе – на пример ако откријат како да манипулираат со коскениот морфогенетски протеин, тоа би можело да доведе до потполно нов начин на зараснување на раните, што не би се разликувале од природно регенерирана кожа.

Истражувањето е објавено во „Science“.

Дискусија

Коментари