Научниците создале течност со „негативна маса“

Физичарите од Универзитетот во Вашингтон создале течност со „негативна маса“, која кога ќе ја турнете оди накај вас.

Во нормални околности, според Вториот Њутнов закон, предметите се движат во истата насока како и силата која делува на нив. Меѓутоа, теоретски, материјата може да има негативна маса, во иста смисла како што електричниот набој може да биде позитивен или негативен.

Професорот Питер Енглес и неговиот тим од Универзитетот во Вашингтон оладиле атоми на рубидиум на температура блиску до апсолутна нула ( минус 273 Целзиусови степени), за да создадат Бозе-Ајнштајнов кондензат. Во оваа состојба честичките се движат екстремно споро и според законите на квантната механика делуваат како бранови.

Тие исто така се синхронизираат и се движат заедно, создавајќи таканаречена „супертечност“ која тече без губиток на енергија.

За да создадат услови за негативна маса, научниците ги заробиле атомите на рубидиум во ласери и ги поместувале напред-назад, менувајќи им ја ротацијата.

Кога ги ослободиле атомите од ласерската замка, тие се прошириле, додека некои од нив излегле со негативна маса.

„Кога ќе турнете нешто со негативна маса, тоа почнува да се забрзува накај вас. Изгледа како рубидиумот да удира во невидлив ѕид“вели Мајкл Форбс, професор по физика на Универзитетот во Вашингтон.

„Она што е многу важно во овој експеримент е што сме успеале да воспоставиме контрола над овој феномен без никакви други компликации“– додава Форбс.

Оваа техника ќе биде користена да се добие подобар увид во природата на негативната маса, како и за истражување на потенцијалната врска помеѓу негативната маса и различните феномени во вселената, како неутронските ѕвезди, црните дупки и црната енергија.

 

Поддржете ја нашата работа: