Жак Дубоше, Јоахим Франк и Ричард Хендерсон се добитници на Нобеловата награда за хемија, за развој на криоелектронската микроскопија, метод кој генерира 3Д слики од биомолекулите.
Техниката, наречена крио-електронска микроскопија, овозможува за прв пат биомолекулите да бидат визуелизирани во нивната природна конфигурација, поттикнувајќи „револуција во биохемијата“, соопштија од Нобеловиот комитет. Последната верзија на технологијата значи дека научниците можат „филмски“ да ги снимаат биохемиските процеси додека се одвиваат.
„Овој метод ја пренесе биохемијата во нова ера. Сега истражувачите можат да замрзнуваат биомолекули за време на движење и да визуелизираат процеси. Тоа е важно како за основното разбирање на хемијата на животот, така и за развојот на фармацијата“, велат од комитетот.
Тројцата научници ќе поделат еднаков износ од вкупните девет милиони шведски круни(1,1 милион американски долари).