Нов материјал за складирање на сончева енергија

Како што соларната енергија станува се’ поголем дел од нашиот целокупен енергетски микс, научниците се’ повеќе работат на пронаоѓање на поефикасни начини за складирање на сончевата енергија, за да може да се користи навечер или за време на облачни денови.

Сега, научниците од МИТ развија нов материјал кој може да ја складира сончевата енергија и подоцна да ја ослободува во форма на топлина. Тие развиле транспарентен слој од полимер што може да се примени на многу површини, вклучувајќи стакло и облека. Па, замислете топол џемпер кој ќе го замени греењето во некои простории или систем кој секое утро ќе го топи мразот од ветробранското стакло на вашиот автомобил, благодарение на енергијата која ја складирал од претходниот ден.

Ова е иновативен пристап кој овозможува истовремено собирање и складирање на енергијата во рамките на еден материјал. Повеќето иницијативи за складирање на сончевата енергија се фокусираат на претворање на истата во електрична, а потоа зачувување на електричната енергија за понатамошна употреба. Овој пристап користи хемиска реакција која произведува топлина наместо електрична енергија, што овозможува задржување на таа енергија во стабилна молекуларна конфигурација на неодредено време, се додека да се распореди.

Ова е првиот ваков метод кој се заснова на материјал во цврста состојба (во случајов полимер), наместо на течност (како соларните термални горива), што може да направи голема разлика во начинот на користење. Една од првите употреби на овој материјал е кај електричните автомобили кои може да имаат проблеми при возењето поради дополнителната енергија која би им била потребна за греење во ладните денови.

Научниците во моментов работат на подобрување на формулата и зголемување на нивото на топлина од 10 на 20 степени Целзиусови, а покрај тоа, сакаат и да го отстранат жолтеникавиот сјај кој полимерот моментално го има.

Истражувањето е објавено во „Advanced Energy Materials“.

Поддржете ја нашата работа: