Нов начин за претворање на пластиката во течно гориво

Научниците откриле нов начин за претворање на пластичниот отпад во течно гориво за кој е потребно помалку енергија од претходните методи и со кој се добива поквалитетен краен продукт.

Со оваа техника се разградува полиетиленот, најзастапената пластика во светот која се користи за изработка на сѐ –од пластична фолија па до шишиња за вода и пластични кеси. Секоја година се произведуваат речиси 100 тони од овие пластични производи.

Пластичниот отпад стана огромен проблем. Пластиката се трупа во депониите, се закопува под земја и се собира во окните создавајќи огромни пловечки острови од отпад.

95 проценти од пластиката се фрла после само една употреба, а 8 милиони тони пластичен отпад или еден полн камион за отпад, се исфрла во нашите океани секоја минута.

„Ако не се преземат мерки, се очекува количината да се зголеми на два камиони во минута до 2030 година, а до 2050 на четири камиони. Ако се продолжи со ова темпо, се очекува дека во океаните ќе има еден тон пластика на секои три тони риби до 2025 година, а до 2050 година ќе има повеќе пластика од риби во океаните“- беше истакнато на Светскиот економски форум, во јануари. (повеќе на енаука.мк) .

Затоа, излишно е да се каже дека брзо и одржливо решение е повеќе од потребно.

Решението е прилично едноставно – пластичниот отпад би требало да се претвори во нешто што ќе може практично да се користи, а со оглед на количеството на водород и јаглерод од кои се состои пластиката, очигледен избор е течното гориво. Но, она што претставува најголем предизвик е враќањето на пластикта на составни делови заради нејзиниот стабилен хемиски состав.

Без специјален третман, полиетиленот едноставно ја задржува постоечката состојба, благодарение на извонредно стабилните единечни атомски врски кои му ја даваат структурата. На доволно висока температура , на пример ако се загрее на 400 степени Целзиусови, овие врски може да се раскинат, но се добива изгорена маса од масло, восок и гас која не може практично да се искористи.

Заеднички тим од САД и Кина, преку процес во кој се користат два катализатора успеале да најдат начин за пластиката да ја претворат во течно гориво.

Во овој процес се користат два хемиски катализатори кои обично се користат за проиводство на полимери. Првиот катализатор ги раздвојува водородните атоми од јаглеродните, што предизвикува јаглеродните атоми да се поврзуваат меѓу себе. Овие новоспоени јаглеродни атоми формираат двојни, наместо единечни врски, кои можат да се раскинат со вториот катализатор. Одвоените водородни атоми повторно се враќаат назад во мешавината, а целиот процес се повторува повеќе пати.

Со ова истражувачите успеале внимателно и постепено да ја менуваат структурата на полиетиленот и да го претворат или во дизел гориво или во восок кој може да има индустриска примена.

Процесот се одвива на температура од 175 степени Целзиусови, наместо 400 степени, со што се троши помалку енергија за разлика од сличните вакви техники.

Но, негативната страна на овој процес е тоа што се одвива споро – потребни се околу четири дена да се заврши, а катализаторите што се користат се скапи.

Истражувачите продолжуваат да работат на зголемувањње на ефикасноста на процесот и да се надеваме дека наскоро ќе може да го откопаме целиот закопан пластичен отпад и да го претвориме во нешто корисно.

Истражувањето е објавено во списанието „Science Advances“.

Поддржете ја нашата работа: