И официјално – конечно имаме вакцина против Ебола

Истражувачите конечно развија вакцина против Ебола која нуди 100 процентна заштита против еден особено опасен подвид на болеста. Овие наоди се добиени врз основа на последните тестови на илјадници луѓе во западна Африка.

Вакцината, позната како „rVSV-EBOV“, го спречила развојот на Ебола кај 5.837 лица кои биле вакцинирани за време на тестирањата. Спротивно на ова, биле забележани 23 нови случаи на Ебола помеѓу неколкуте илјади луѓе кои не биле вакцинирани. Сега научниците бараат регулаторно одобрување за вакцината за да може да се користи и пошироко.

Иако оваа вакцина не пристигна на време за да ја спречи епидемијата која започна во 2014 година во Гвинеја, особено е важна за спечување на идни епидемии. Експертите за јавно здравство веќе складирале 300.000 дози за следната вонредна состојба.

„Светот не може да си ги дозволи конфузијата и катастрофата кои настанаа за време на последната епидемија. За следниот пат, нема да бидеме беспомошни“, вели главниот истражувач Мари-Пол кини за „New York Times“.

Повремено се’ уште се појавуваат нови случаи на Ебола во Гвинеја, поради што научниците започнаа со техниката позната како „прстен – вакцинација“, што всушност претставува вакцинирање на сите лица кои дошле во контакт со заболено лице.

Оваа вакцина покажува ветувачки резултати, но сепак се’ уште не сме целосно ослободени од Ебола. Вакцината „rVSV-EBOV“ делува против подвидот Заир на Ебола вирусот, кој е одговорен за повеќето човечки инфекции, но не и против другите 4 подвидови. Покрај тоа, има и некои несакани последици, како болка во зглобовите и главоболка. Додека ова може да се прифати за време на епидемија, може да ги одврати луѓето од вакцинација во иднина.

Во моментов се тестираат ефектите од вакцината на деца и на ранливи случаи, како што се лицата заразени со ХИВ. Истражувачите кои ја поддржуваат оваа вакцина се надеваат дека ќе поднесат барање за дозвола до крајот на 2017 година.

Истражувањето е објавено во „The Lancet“.

Поддржете ја нашата работа: