Општо познато е дека најскриениот дел од земјата е направен главно од железо (околу 85%), а присуството на никел е околу 10%. Мистерија е кој е составот од останатите 5% .

Јапонски научници веќе со децении трагаат по елементот што недостига во јадрото на Земјата, а сега веруваат дека го утврдиле идентитетот на елементот кој, освен железото и никелот, сочинува значителен дел од нашата планета, пренесува Би-Би-Си.

Експериментите покажале дека најверојатно станува збор за силициумот, а ова откритие би можело да помогне за да го разбереме начинот на кој е формиран нашиот свет.

Внатрешниот дел од планетата Земја е цврста кугла со радиус од речиси 1.200 километри, и е речиси невозможно да се дојде до неа и директно да се истражува бидејќи е премногу далеку.

При истражувањата Еиџи Охтани, истражувач од Универзитетот Тохоку и неговиот тим направиле легури од железо и никел кои ги измешале со силициум. Потоа ги подложиле на големи притисоци и температури какви што постојат во внатрешноста на јадрото. Со тоа откриле дека новата мешавина одговара на сеизмичките податоци во внатрешноста на Земјата.

„Овие тешки експерименти се многу возбудливи бидејќи ни овозможуваат прозорец кон тоа како изгледала внатрешноста на Земјата кратко по нејзиното формирање пред 4,5 милијарди години, кога јадрото почнало да се одвојува од цврстите делови на Земјата“, вели професор Симон Редферн, од Кембриџ Универзитетот, зборувајќи за истражувањето.

 

Поддржете ја нашата работа: