Откриен најголемиот кањон на светот под Антартикот?

Тим на истражувачи, предводени од Универзитетот Дурам во Велика Британија, открија докази што укажуваат дека под мразот на Антартикот се наоѓа најголемиот кањон на светот.

Тие дошле до ова откритие преку анализа на сателитските податоци од мразот во областа наречена „Земјата на принцезата Елизабета“ во источен Антартик, при што забележале бледи траги од одреден предел под мразот, кои не се видливи со голо око. Доколку постоењето на овој предел, односно кањон, може да се потврди со директни мерења, тоа ќе претставува огромно геолошко откритие. Самата помисла дека нешто толку големо досега не било откриено е зачудувачка.

Сателитските податоци сугерираат дека тој предел е приближно 1.100 км. во должина и 1 км. во длабочина. Покрај тоа, забележана е и една дискретна фигура од 140×20 км. што се смета дека е огромно длабоко езеро кое е поврзано со кањонот.

Една од причините поради коишто досега не е откриен е можеби тоа што постојат многу малку научни податоци за дебелината на мразот во овој предел на Антартикот.

„Ова е предел кој е поголем од Велика Британија, а ние знаеме многу малку за него. Всушност, знаеме многу повеќе за површината на Марс отколку за она што се наоѓа под мразот на Антартикот“, истакнуваат истражувачите.

Тие сметаат дека кањонот настанал од протокот на вода, најверојатно уште пред да се формира покривката од мраз над него, но не ја исклучуваат и можноста протокот на вода да го еродира мразот откако тој се оформил.

Наодите се објавени во „Geology“.

Поддржете ја нашата работа: