Откриена чудна риба во Нов Зеланд

Длабоките океански води кријат многу чудни животни, но примерокот што на почетокот од минатата недела беше откриен на брегот на Нов Зеланд е толку бизарен што ги остави збунети и експертите.

Првично опишана од страна на музејот „Te Papa Tongarewa“ во Нов Зеланд како „риба со нозе“, ова црно бодликаво животно има две перки, по една на двете страни од стомакот, кои се чини дека и служат за движење по морското дно.

WeirdFish_web2_1024

Оваа риба била откриена во заливот на брегот на Северниот остров на Нов Зеланд, скриена во куп од морска трева на еден брод. Сопственикот Гленис Хаус се обидел да ја одржи жива додека да биде пренесена во аквариум, но за жал рибата набрзо умрела, па затоа била испратена во музејот за идентификација.

Истражувачите утврдиле дека се работи за примерок од пругаста риба – „Antennarius striatus“, но првично им требало извесно време да утврдат точно за кој вид се работи бидејќи некои карактеристики укажувале дека се работи за пругаста риба, но од друга страна оваа риба била скоро потполно црна.

Иако е познато дека овие риби имаат способност да ја прилагодат својата пигментација за да се камуфлираат на океанското дно, сепак некои траги од нивните пруги остануваат видливи. Истражувачите сега прават дополнителни тестирања за да откријат повеќе за оваа ретка единка и дали можеби припаѓа на нов вид или подвид.

Fish_web

Овие риби имаат извонредна техника за ловење. Рибата ги користи нозете за да „шета“ по морското дно и да може да стои стабилно на карпите и коралните гребени додека го чека пленот кој го напаѓа со својот мамец во облик на црв. Кога друго животно ќе се приближи, оваа риба има уникатна способност екстремно да ги рашири устата и телото, што им овозможува да јадат риби со иста големина колку и нивната (исто како човек да може да изеде нешто со големина на човек).

„Оваа риба гризе најбрзо од сите ’рбетници. Нивната уста се шири со брзина приближна на куршум со калибар 22 – и тоа во средина што е 800 пати погуста од воздухот“- објаснува музејот од Нов Зеланд.

Овие животни се наоѓаат во повеќето тропски и субтропски води ширум светот и живее на длабочина и од 210 метри, иако најголем дел се наоѓаат на длабочина од 40 метри.

И покрај тоа што рибата умрела, од овој примерок истражувачите можат многу да откријат, а музејот ќе го зачува животното за да може да го види јавноста.

Поддржете ја нашата работа: