Озонската дупка се намалува благодарение на забраната на хемикалии

Дупката во озонската обвивка се намалила, благодарение на глобалната забрана за штетни хемикалии, информираат научници од американската вселенска агенција НАСА.

Во новата студија, тие откриле дека намалувањето на нивото на хлорот, кој го уништува озонот, придонело за намалување од 20 проценти на оштетувањето на озонот за време на зимските месеци помеѓу 2005 и 2016 година.

НАСА закрепнувањето го припишува на Протоколот од Монтреал, иницијатива од 1989 година за забрана на хемикалиите направени од човекот, кои ја уништуваат озонската обвивка, наречени хлорофлуорокарбонати (ХФК), кои во минатото биле широко распространети во фрижидерите, амбалажи за пакување, клима-уредите и аеросолите.

„Гледаме јасно дека хлорот од ХФК се намалува во озонската обвивка, а поради тоа се намалува и осиромашувањето на озонскиот слој“, вели во соопштението атмосферскиот научник од НАСА, Сузан Страхан, која е автор на студијата.

Студијата, заснована на податоци од сателитот Аура, е прва која директно ги прави мерење на хемикалиите за да докаже дека намалувањето на озонската дупка е резултат на забраната на ХФК.

Озонската обвивка ја штити планетата Земја од ултравиолетовото зрачење, кое предизвикува рак на кожата, катаракта и ги оштетува растенијата.

Дупката во обвивката прв пат била забележана во 1980-тите и за таа ситуација најмногу се обвинувале ХФК хемикалиите, кои се разградуваат од сончевото ултравиолетово зрачење кога стигаат до стратосферата, со што ослободуваат атоми на хлор кои ги уништуваат молекулите на озонот.

Но, иако озонската дупка закрепнува, научниците предупредуваат дека ќе бидат потребни децении ХФК хемикалиите целосно да исчезнат од атмосферата.

„Животниот век на ХФК хемикалиите е од 50 до 100 години, така што тие остануваат во атмосферата многу долго време. Ако зборуваме за целосно опоравување на озонската дупка, тоа би можело да се случи во 2060 или 2080 година. Па, дури и тогаш, може да има мала дупка“, потенцира коавторот на студијата Ан Даглас.

Извор: Радио МОФ

Поддржете ја нашата работа: