Парацетамолот ги потиснува позитивните емоции

Ацетаминофен, главната состојка во  лековите за болка, е во употреба повеќе од 70 години во САД, но ова е прв пат официјално да се документира несаканиот ефект. Всушност, ацетаминофенот е дел од составот во повеќе од 600 лекови. 

„Претходните истражувања покажаа дека ацетаминофен не ја намалува само физичката болка, туку и емоционалната. Знаејќи ги овие наоди, ние отидовме чекор понатаму и решивме да видиме дали и колку влијае на позитивните емоции“, вели Џефри Дурсо, главен автор на студијата и докторант на социјална психологија на Државниот универзитет во Охајо.

Методологија на истражувањето

Во примерокот биле вклучени 82 студенти, од кои половина добиле акутна доза од 1000 милиграми на ацетаминофен, а половина плацебо.

По 60 минути (доволно време за дејство на лекот) на испитаниците им биле покажани 40 фотографии избрани од база на податоци (Меѓународен систем за афективни фотографии) кој се користи од страна на истражувачите од целиот свет за поттикнување на емоционални реакции.

Фотографиите се движат од исклучително непријатни, неутрални и искучително пријатни.

По гледањето на секоја фотографија, од учесниците било побарано да ги оценат на скала од -5 (исклучително негативна) до 5 (исклучително позитивна). Потоа, повторно им биле покажани истите фотографии и било побарано да ја рангираат почувствуваната емоционална реакција, од 0 (малку или без емоции) до 10 (екстремен износ на емоции).

Резултатите покажале дека учесниците кои земале ацетаминофен ги оцениле сите фотографии исклучително помалку од оние кои се на плацебо. Истото се случило и со нивните емоционални реакции.

Со други зборови, позитивните и негативните слики не биле гледани како такви под влијание на ацетаминофенот.

Неутралните фотографии биле рангирани на сличен начин од страна на сите учесници, без оглед на тоа дали тие се на лекови или не.

Дополнително, поради фактот дека емоционалните реакции затапуваат, била направена уште една анализа да се види дали лекот влијае на перцепцијата и расудувањето.

Резултатите покажуваат дека ацетаминофенот влијае на нашата емоционална проценка, но не и на перцепцијата, односно испитаниците многу добро забележуваат што има на фотографијата, меѓутоа немаат емоционална реакција.

Во овој момент, истражувачите не знаат дали другите лекови за болка како ибупрофенот и аспиринот го имаат истиот ефект, иако тие планираат да се посветат на тоа прашање.

Овие резултати, исто така, може да имаат влијание на психолошката теорија. Важно прашање во психолошките истражувања е дали истите биохемиски фактори контролираат како реагираме на позитивни и негативни настани во нашите животи. Честа теорија е дека одредени фактори контролираат како ние реагираме на лошите работи што се случуваат во животот – на пример, како се справуваме со развод.

Но, оваа студија нуди поддршка за релативно нова теорија која вели дека истите фактори можат да влијаат на справувањето и осетливоста на исклучително позитивните настани.

Истражувањето е објавено во онлајн изданието на „Psychological Science“.

Поддржете ја нашата работа: