Пчелите и осите во Австралија се поопасни од змиите и пајаците

Австралија има репутација дека е дом на најопасните и најсмртоносните пајаци, змии и медузи, но едно ново истражување покажува дека не треба да ги потценуваме и пчелите и осите.

Првата  национална анализа на каснувања и убоди во Австралија открива дека пчелите и осите праќаат најмногу луѓе во болница секоја година и придонесуваат за највисокиот број на смртни случаи поврзани со отровен убод.

Анализата е спроведена од Ронел Велтон од Универзитетот во Мелбурн, при што се анализирани податоци од 2000 до 2013 година, кога каснувањата и убодите резултирале со речиси 42.000 хоспитализации, вклучувајќи ги и смртните случаи.

Од овие, за 31% биле одговорни убодите од пчели, оси и стршлени, со што всушност се надминуваат озлогласените отровни пајаци (30%) и змии (15%).

Но, иако каснувањата од змии за кои било потребно хоспитализација се значително поретки од убодите од пчели, оси и пајаци, тие не се помалку смртоносни кога станува збор за предизвикување жртви. Всушност тие се најсмртоносни пропорционално.

Помеѓу 2000 и 2013 година, 64 лица биле убиени од отровен убод или каснување, од кои 27 како резултат на каснување од змии, а исто толку и како резултат на убоди од пчели или оси.

Уште повпечатливо е тоа што и покрај популарниот страв од австралиските пајаци, кој е оправдан со оглед на тоа што помеѓу 2000 и 2013 година пајаците испратиле речиси 12.000 луѓе во болница, тие не се толку смртоносни како што мислиме. Во тој период, немало ниту еден смртен случај предизвикан од убод на пајаци, што истражувачите го припишуваат на успехот и достапноста на против отровите.

Според истражувачите, последниот документиран смртен случај од пајак во Австралија се случил во 1999 година, и тоа од пајак кој припаѓа на родот на пајаци вдовици. Во 2016 година исто така имало смртен случај наводно од овој вид на пајак, но причината за смрт не била точно утврдена.

Луѓето не се плашат од осите и пчелите како што се плашат од змиите и пајаците, поради што најчесто ги потценуваат. Дури и без претходна историја на алергија, убодот може да предизвика алергиска чувствителност.

Само 44% од лицата кои починале како резултат на убод од оса или пчела стигнале живи до болница. Истражувачите сметаат дека тоа е така бидејќи луѓето ја потценуваат опасноста и не сфаќаат колку смртоносна може да биде сериозната алергиска реакција (анафилакса).

Истражувачите се надеваат дека овие откритија, објавени во „Internal Medicine Journal“, ќе им помогнат на луѓето подобро да се информираат за ризикот од убодот на овие инсекти во Австралија.

Поддржете ја нашата работа: