Пластика од растително потекло


Полиуретанот е исклучително цврст и отпорен на корозија и абење, но истражувачите се обидуваат да создадат еколошка алтернатива на овој материјал кој се изработува на база на нафта. Во 2010 година беа произведени околу 14 милиони тони полиуретан, а се очекува производството да порасне за скоро 30% до 2016 година.
И покрај тоа што постои полиуретан што се прави од растителни материјали, истражувачите од Државниот Универзитет Вашингтон, развија нова метода, која ги користи растителните масла за создавање на материјал со различна флексибилност, цврстина и облик. Растителните масла се евтини, лесно достапни, обновливи и може да се произведат со генетски инженеринг.

 

Истражувачите направиле полиуретан користејќи маслиново масло, од канола, од семки од грозје, лененово и рицинусово масло.

За создавање на полиуретанот, не се користени разредувачи или катализатори (како што се прави во производството на полиуретан на база на нафта). Направена е комбинација од два типа на хемиски соединенија. Едното соединение е полиол, соединение со повеќе функционални хидроксилни групи потребни за реакцијата. Некои масла, како лененовото масло, имаат пет или шест реактивни делови, што му дава цврстина на материјалот, додека други, како маслиновото масло, имаат помалку реактивни делови,  што го прави материјалот пофлексибилен.

Истражувачите се надеваат дека оваа метода ќе биде атрактивна за индустријата за производство на пластика.

Истражувањето е објавено во списанието „ACS Applied Materials & Interfaces“.

 

Поддржете ја нашата работа: