Плутон има скриен океан под површината?

Откако во 2006 година, статусот на Плутон како планета беше деградиран, интересот на научниците за оваа џуџеста планета како да се зголеми и постојано слушаме за нови интересни откритија, чудни гравитациски бранови, срце, а сега се чини и течен подземен океан.

Но, како може една планета која се наоѓа на оддалеченост од речиси 6 милијарди километри од Сонцето да не биде целосно замрзната?

Ова прашање ги мачи научниците уште од минатата година кога сондата „Нови Хоризонти“ на НАСА прелета покрај Плутон и откри докази за тектонска активност која ја нарушува замрзнатата површина и единствено може да се објасни со постоењето на океан под таа површина.

Сега, научниците со помош на нов модел го потврдуваат она во што се сомневале, откривајќи дека Плутон буквално би се збрчкал како презреана праска доколку не би имал течна вода која и дава малку простор на замрзнатата површина да се движи.

Како што објаснуваат научниците, кога „Нови Хоризонти“ ја испратил најјасната слика досега од површината на Плутон, тие забележале дека недостигаат одредени тектонски карактеристики кои би се формирале доколку внатрешните течни слоеви би биле замрзнати во погуста форма наречена мраз II.

pluto-markingsОдносно, доколку течниот океан под површината замрзнал, тој би бил здробен од тешката надворешна кора во форма на мраз II. Овој мраз е чуден поради тоа што се намалува како што замрзнува, за разлика од обичниот мраз кој се шири. Па, доколку Плутон би имал океан од ваков мраз под својата ледена површина, тоа би предизвикало целата планета да се собере (збрчка) одвнатре, на начин кој што би се забележал на површината.

Со оглед на тоа што на површината на Плутон нема никакви знаци за компресија, тоа укажува на тоа дека не се формирал таков мраз и дека подземниот течен океан на Плутон најверојатно преживеал до денес.

Ова откритие е особено важно бидејќи покажува дека течни океани може да постојат на џуџести планети, месечини, па дури и поголеми планети, без плимните сили кои научниците сметаа дека се неопходни.

Истражувањето е објавено во „Geophysical Research Letters“.

Поддржете ја нашата работа: