Влијание на постењето врз клетките на ракот

Веќе е познато дека постот заедно со хемотерапијата ги убива клетките на ракот, но две неодамнешни истражувања спроведени на глувци укажуваат дека комбинацијата од група помалку токсични лекови со постењето ги убива клетките на ракот на градите, на дебелото црево и на белите дробови.

Според авторот на истражувањето, Валтер Лонго, од Универзитетот во Јужна Калифорнија, ако се покаже дека ова функционира и кај луѓето, оваа комбинација може да ја замени хемотерапијата и да го воведе постот како моќна компонента во долгорочните стратегии за терапија на ракот.

Клиничките испитувања на луѓе во САД и Европа веќе ја проучуваат ефикасноста и безбедноста на оваа стратегија со периодичното постење за време на терапијата за рак.

Истражувањата, објавени во списанието „Oncotarget“, укажуваат дека лековите со помала токсичност во комбинација со постењето или диета што ќе ги имитира ефектите од постењето, може да претставуваат замена за хемотерапијата.

Клетките на ракот имаат голема потреба од гликозата (шеќерот) од храната за да обезбедат енергија. Тие согоруваат многу повеќе гликоза од нормалните клетки за да го одржуваат својот брз раст. Овој феномен се нарекува Варбургов ефект според германскиот доктор кој прв го опишал пред скоро 100 години. Како такви, клетките на ракот се многу поосетливи на каков било прекин во снабдувањето. Кога се лишени од гликоза, клетките на ракот, за да го одржат својот раст како резервна варијанта за „поддршка“, го користат ензимот наречен киназа.

Научниците откриле дека ваквата промена во метаболизмот на клетките на ракот предизвикува тие да создаваат нетоксични радикали кои на крај ги убиваат. Покрај тоа, начинот на кој киназите генерираат енергија може да биде блокиран со киназа инхибитори, со што дополнително се оневозможуваат клетките на ракот да генерираат енергија. Киназа инхибиторите веќе се одобрени од Администрацијата за храна и лекови на САД за третман на рак, со што е овозможена нивна примена заедно со постењето во борбата против ракот.

Иако се помалку токсични од хемотерапијата, сепак киназа инхибиторите можат да бидат токсични за повеќе типови на клетки. Постењето ги прави поефикасни, што значи дека пациентите би можеле да ги користат пократко време, а да го постигнат истиот резултат. Иако се’ уште не сме го тестирале ова, нашите претпоставки се дека постењето ќе ја редуцира токсичноста на киназа инхибиторите исто како што ја редуцира токсичноста на хемотерапијата кон нормалните клетки“- вели Лонго.

Поддржете ја нашата работа: